Дваесет години по премиерата на првата сезона, „HBO“ официјално го потврди враќањето на комичната серија „The Comeback“.
Ѕвездата и коавторка на серијата, Лиса Кудроу, повторно ќе ја толкува Валери Чериш во третата сезона, која ќе биде и последна.
Помеѓу сите сезони постои значителен временски јаз. Првата се емитувала на „HBO“ во 2005 година, а втората во 2014 година. Според „Варајати“, премиерата на третата сезона е закажана за 2026 година. Продукцијата започнува ова лето, а познато е и кои стари ликови ќе се вратат на крајот од приказната.
Покрај Лиса Кудроу во главната улога, во третата сезона ќе се појават Ден Букатински како публицистот на Валери, Били Стентон, Лора Силверман како продуцентката на ријалити шоуто „Џејн“ и Дамијан Јанг како сопругот на Валери, Марк Берман. Роберт Мајкл Морис, кој почина во 2017 година, а кој во претходните сезони го толкувал Мики, блискиот пријател и фризер на Валери нема да добие замена.
Содржина и развој на серијата низ годините
Во првата сезона на „The Comeback“ Валери, поранешната телевизиска ѕвезда, се обидувала да се врати на малите екрани преку ужасниот ситком „Room and Board“.Нејзиното враќање го следеле камерите на реалното шоу и тоа на секој чекор, снимајќи секој незгоден и понижувачки детаљ од нејзиниот обид да ја врати славата.
Серијата првично била пречекана со поделени критики, а многумина ја сметале за премногу мрачна и непријатна, пренесе „Варајати“. Сепак, Кудроу доби номинација за Еми, а оттогаш серијата се стекна со култен статус и стана омилена меѓу љубителите на телевизиската сатира.
Во 2014 година „HBO“ ја обнови серијата за втората сезона, во која Валери се толкувала себеси во фиктивната драма на HBO „Seeing Red“. На крајот од таа сезона, Валери ги напуштила Еми наградите за да биде покрај својот болен Мики, што претставуваше симболичен момент на нејзиното емоционално созревање.
Иако во овој момент не се знае многу за самата трета сезона, извршните продуценти Лиса Кудроу и Мајкл Патрик Кинг преку заедничко соопштение изјавија: „Валери Чериш го пронајде својот пат назад во денешниот телевизиски пејзаж. Не сме изненадени што успеа во тоа“.