Функционерите во администрацијата на Доналд Трамп размислуваат за промена што би ја префрлила одговорноста за безбедносните интереси на САД во Гренланд на воената команда задолжена за одбрана на територијата на САД.
Ова дополнително би го потврдило интересот на американскиот претседател за таа стратешки важна територија, за која тој повеќепати јавно ја изрази својата желба да ја купи, дознава Си-ен-ен од три извори запознаени со дискусиите.
Според предлогот, Гренланд би бил отстранет од јурисдикцијата на Европската команда на американската армија и би бил ставен под команда на Северната команда на САД (NORTHCOM), велат изворите. Некои од разговорите за овој потег започнале дури и пред Трамп да се врати на власт оваа година, тврдат тие. Гренланд политички и културно припаѓа на Европа и има статус на автономна територија во рамките на Кралството Данска.
Северната команда на САД одби да коментира. Си-ен-ен побара изјави и од Канцеларијата на американскиот секретар за одбрана, како и од данските и гренландските претставници. Сепак, неколку американски функционери изразија сомнежи во врска со потегот поради упорното инсистирање на Трамп дека на САД им е „потребен“ Гренланд и неговото одбивање да ја исклучи употребата на воена сила за да го добијат.
Во интервју за „NBC“, емитувано минатиот викенд, Трамп повторно навести таква закана. „Не исклучувам ништо“, рече тој. „Не велам дека ќе го направам тоа, но не исклучувам ништо.Нам навистина ни е потребен Гренланд. Таму живеат многу малку луѓе, за кои ќе се грижиме, ќе ги сакаме и сето тоа. Но, тоа ни е важно за меѓународната безбедност“, додаде тој.
Северната команда на САД е првенствено одговорна за одбраната на територијата на Соединетите Американски Држави и моментално ги надгледува, меѓу другото, операциите на јужната граница на земјата. Изјавите на Трамп предизвикаа тензии и со Данска и со властите во самиот Гренланд.
Данска е загрижена
Префрлањето на Гренланд под јурисдикција на „NORTHCOM“ барем симболично би значело негово одвојување од Данска, која би продолжила да биде под јурисдикција на Европската команда на САД. Данските власти се загрижени за пораката што ова би можело да ја испрати – дека Гренланд повеќе не е дел од Данска, изјави еден од изворите запознаени со внатрешните дискусии.
Застапниците на овој потег потенцираат дека иако САД имаат воена база во Гренланд и ја сметаат за клучно упориште во натпреварувањето со Русија и Кина за контрола на Арктикот – што е приоритет на американската национална безбедност поддржан од двете американски партии – таа понекогаш е занемарена од Европската команда поради нејзината оддалеченост од командниот центар во централна Европа, тврди еден американски функционер.
Сепак, за „NORTHCOM“, Гренланд претставува важна точка за набљудување на можни непријателски авиони што би можеле да се упатат кон американска територија од таа насока. Некласифицирана верзија на годишната процена на разузнавачката заедница на САД го споменува Гренланд четири пати – во контекст на интересот на Кина и Русија за проширување на своето влијание во таа област.
Дискусиите за префрлање на Гренланд под надлежност на „NORTHCOM“ доаѓаат во време на уште еден спор меѓу американските и данските претставници околу територијата.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен оваа недела објави дека планира да го покани на разговор американскиот вршител на должноста амбасадор во Данска, откако „Волстрит џурнал“ објави дека Вашингтон им наредил на американските разузнавачки агенции да го засилат надзорот врз Гренланд.
Според весникот, американските служби треба да соберат дополнителни информации за желбата на Гренланд за независност и ставовите на локалното население кон експлоатацијата на природните ресурси од страна на американските компании.
„Прочитав статија во „Волстрит џурнал“ и таа длабоко ме загрижи бидејќи ние не шпионираме пријатели“, изјави Расмусен пред новинарите во Варшава во среда, за време на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ. „Ќе го поканиме вршителот на должноста амбасадор на САД на разговор во Министерството за надворешни работи за да ги провериме овие информација, кои се прилично вознемирувачки“, додаде тој.