Трамп: На корумпираните демократи им пречи бесплатниот авион

Макфакс

12/05/2025

10:37

1.322

Големина на фонт

а а а

Владата на американскиот претседател Доналд Трамп има намера да прифати авион „Боинг 747-8“ како подарок од катарското кралско семејство, кој би послужил како претседателски авион „Ер Форс Уан“, изјави за „Ројтерс“ извор запознаен со прашањето.

Тој луксузен авион би бил еден од највредните подароци што владата на САД некогаш ги добила. Новиот комерцијален 747-8 чини приближно 400 милиони долари.

Трамп се чини дека е подготвен да го прифати подарокот од Катар. Во неделата, тој објави на социјалните мрежи: „Значи, фактот што на Министерството за одбрана му се подарува, бесплатно, авион 747 за привремена замена на 40-годишниот „Ер Форс Уан“, во многу јавна и транспарентна трансакција, толку многу ги вознемирува корумпираните демократи што инсистираат да платиме најмногу долари за авионот. Демократите се губитници од светска класа!!!“.

Демократите и многу експерти велат дека е неетички и веројатно неуставно да се прифати таков подарок.


„Не е само поткуп, туку е и врвно странско влијание…“ рече лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, на социјалните мрежи.

Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа, изјави дека секој подарок од странски влади секогаш е прифатен во целосна согласност со сите важечки закони и дека администрацијата на Трамп е посветена на целосна транспарентност.

Портпаролот на Катар, Али Ал-Ансари, сепак изјави дека евентуалното донирање на авионот сè уште се разгледува и дека не е донесена никаква одлука.

Трамп оваа недела патува на турнеја низ арапските земји, што ќе вклучува и посети на Катар.