Џон Ленон, фронтменот на групата „Битлси“, покрај својата музичка кариера, беше познат и како политички активист и борец за светскиот мир.
Легендарниот пејач и неговата сопруга Јоко Оно кон крајот на 1969 година ја започнаа својата светска мировна кампања „Војната е завршена“ (War Is Over), со цел да ја мобилизираат јавноста за прекин на вооружените конфликти ширум светот, а особено во Виетнам.
Изработија препознатливи билборди, а прес-конференциите ги одржуваа од кревет. Кампањата стана легендарна речиси исто колку и тие самите.
Но помалку е познато дека парот, нешто пред таа акција, во летото 1969 година, спроведе уште една акција наречена „Acorns“ („Желади“). Во нејзини рамки, Ленон и Јоко испратија писма до 50 светски државници, а едно од тие писма пристигнало и на адреса на тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито.
„Почитуван господине, во овој пакет ви испраќаме две живи скулптури, два желади, со надеж дека ќе ги засадите во вашата градина и дека ќе пораснат во два дабови дрва за мир во светот“, стои во писмото адресирано до Тито, со „со љубов“ и потписи од Џон Ленон и Јоко Оно.
Се смета дека Јоко Оно била идеен творец на оваа „концептуална акција“. Не е познато колку државници се одзвале на повикот на познатиот пар, а до ден-денес е делумна мистерија и како постапил Тито.
Како и многу други подароци кои Тито ги добивал, и желадите, според протоколот, најпрвин биле испратени на лабораториска анализа за да се утврди дали претставуваат некаква закана. Откако било потврдено дека станува збор за обични желади, тие биле доставени во претседателската резиденција.
Југословенската амбасада во Лондон добила налог да му се заблагодари на Ленон за симболичниот подарок, а Тито бил информиран дека „извесен господин Ленон, член на светски познатиот ансамбл ‘Битлси’“, испратил два желади со молба тие да бидат засадени како симбол на мирот и желбата за прекин на војните во светот.
Не се знае дали Тито ги видел писмото и желадите. Постојат документи со негов потпис со кои се одобрува садењето. За жал, иако можеби биле навистина засадени, денес никој со сигурност не може да каже кои дрвја се тие, ниту дали преживеале до денешен ден.