Вечерва ќе се одржи најголемиот моден настан во годината – Мет Гала. Новото издание на „модните Оскари“ несомнено повторно ќе ја привлече светската елита, но супермоделот Наоми Кемпбел наводно нема да биде меѓу бројните познати личности кои ќе присуствуваат.
Според „Дејли мејл“, Кемпбел намерно била изоставена од списокот на гости на овогодишната Мет Гала. Причината?
Наводната караница со Ана Винтур, уредничка на „Vogue“ и организаторка на Мет Гала. „Ана не заборава – ниту простува. Тоа не е случајност. Ако Ана сака да те исфрли, исфрлен си. Едноставно е“, изјавил добро информиран извор за „The Sun“.
Зошто се скарале?
Потсетуваме, за караницата меѓу Кемпбел и Винтур се зборува веќе некое време. Сè започнало кога манекенката доцнела на модната недела во Њујорк минатата година, каде што Винтур требаше да ѝ ја додели наградата за модна икона. Поради доцнењето на Наоми, Ана ја напуштила церемонијата, а наградата на манекенката ѝ ја врачила главната уредничка на „Harper’s Bazaar“, Самира Наср.
Наоми, примајќи ја наградата, рекла: „Немав желба тука да биде онаа друга госпоѓа, многу повеќе ја сакам оваа“. Тоа била навидум директна алузија на уредничката на „Vogue“, на која не ѝ се допаднал коментарот на манекенката.
Детали за Мет Гала 2025
Потсетуваме, на 4 февруари 2025 година, „Vogue“ објави официјален кодекс на облекување кој гласи „Tailored for You“ (Скроено за тебе). Во согласност со темата, кодексот за облекување е почит кон машката мода и, како што наведува Музејот, „бил намерно дизајниран да обезбеди насоки, но и да поттикне креативна интерпретација“. Гостите се охрабруваат да го изразат својот личен стил преку кроеви и силуети инспирирани од машката мода.
Списокот на гости секогаш се чува во тајност до денот на настанот, но „Vogue“ откри некои големи имиња кои се дел од организацискиот одбор на Мет Гала – посебна група врвни креативци, уметници и спортисти. Па така, се очекува доаѓањето на ѕвезди како Симон Бајлс, Дапер Ден, Доечи, Ајо Едебири, Едвард Енинфул, Жанел Монае, Анхел Рис, Ша’Кари Ричардсон, Оливие Рустеинг, Тајлер и Ашер.