Три деца кои се американски државјани, вклучувајќи едно со рак, се депортирани со нивните мајки во Хондурас

Макфакс

28/04/2025

08:22

2.599

Големина на фонт

а а а

Три деца, државјани на САД, беа депортирани во Хондурас минатата недела со нивните мајки, вклучувајќи и едно 4-годишно девојче кое се лекува од рак, соопштија адвокатите на семејството и организацијата за граѓански и имигрантски права, објави Си-ен-ен.

Во еден случај, мајка била депортирана со своето двегодишно дете, додека во друг, мајка била протерана заедно со нејзините деца на возраст од 4 и 7 години, се вели во соопштението на Американската унија за граѓански слободи (ACLU) и Националниот проект за имиграција.

Според адвокатите и судските документи, сите жени и деца биле уапсени за време на рутински состаноци со службеници за имиграција во Луизијана, како дел од програмата за надзор ИСАП (Intensive Supervision Appearance Program).

Застапниците на семејството тврдат дека нивното протерување од САД покажува загрижувачки недостаток на правна заштита во услови на сè пожестоко ограничување на имиграцијата за време на администрацијата на Доналд Трамп.


„Сведоци сме на колапс на владеењето на правото во реално време“, рече Грејси Вилис, адвокатка и координаторка за одговор на рации во Националниот проект за имиграција, која го застапува двегодишното дете преку семеен пријател кој дејствува како тужител во тековниот судски случај. „Тоа е длабоко загрижувачко, а овие случаи се јасна илустрација за тоа“, додаде Вилис.

Според Грејси Вилис, на двете мајки им биле издадени наредби за депортација во нивно отсуство, што значи дека го пропуштиле судското рочиште, па судијата автоматски го донел налогот за депортација.

„Нешто ги спречило да бидат присутни на тоа едно рочиште“, рече Вилис, „и затоа судот издаде налог за депортација“.

Во судските поднесоци, владата тврди дека мајката на двегодишното девојче побарала да го земе детето со себе во Хондурас, повикувајќи се на рачно напишана белешка за која тврдат дека ја напишала на шпански. „Граничниот цар“ на Трамп, Том Хоман, и државниот секретар Марко Рубио го повторија тоа тврдење во интервјуата во неделата.

„Ако некој е нелегално во земјата, тоа лице е депортирано. Ако тоа лице има двегодишно дете и каже: Сакам детето да дојде со мене, имате две опции“, изјави Рубио за емисија на Ен-би-си.

„Можете да кажете да, детето може да биде со вас, без разлика дали е граѓанин или не, бидејќи е ваше дете“, рече Рубио. „Или можете да кажете: дека можете да си одите, но детето мора да остане.“

Сепак, Вилис го отфрла тврдењето дека мајката на В.М.Л., која е исто така бремена, сакала да го земе детето со себе. Рачно напишаната белешка, тврди таа, не е изјава на желба.

Вилис за Си-ен-ен изјави дека ниту една од мајките немала вистински избор и дека двете сакале нивните деца да останат во Соединетите Држави. Четиригодишното дете, се присети таа, било во процес на лекување од рак. Исто така, обете жени имаат семејство во САД.

„Ова се мајки, бремени жени, деца“, рече Алана Одомс, извршна директорка на ACLU од Луизијана. „Ова се луѓе со терминални или многу сериозни медицински состојби, кои ги следеле сите правила и редовно се пријавувале во Имиграциска контрола“, додаде таа.

„Ако Имиграциската контрола може да им го направи ова на овие мајки и деца, ако може да им го направи ова на студентите на универзитетите… никој од нас не е безбеден од ваков вид беззаконие“, заклучи Одомс.