Шпанското Министерство за внатрешни работи прогласи вонредна состојба во земјата по денешниот прекин на електричната енергија.
Шпанскиот оператор за електрична енергија „Ред Електрика“ објави дека во повеќе области е обновено снабдувањето со електрична енергија.
Претходно, шпанскиот железнички оператор „Ренфе“ евакуира околу 30.000 патници од возовите што беа блокирани поради големиот прекин на електричната енергија.
Извор за агенцијата изјавил дека на трасата имало 116 возови во моментот на прекинот на електричната енергија.
Освен во Шпанија, до прекин на електричната енергија дојде и во Португалија.
Португалскиот дистрибутер на електрична енергија (РЕН) предупредува дека операциите за враќање на електричната енергија се посложени отколку во Шпанија, со оглед на тоа што Португалија се потпира само на сопствени ресурси, а не на придонеси од Франција и Мароко.
Од таму додадоа дека приоритет е снабдувањето во клучната инфраструктура, како што се болниците, аеродромите и железниците.
РЕН објави дека нема информации дека масовните прекини на електричната енергија се предизвикани од кибернапад.
Членот на одборот на РЕН, Жоао Консеисао, изјави дека постои можност прекинот да е предизвикан од „многу голема осцилација на електричните напони, прво во шпанскиот систем, која потоа се проширила на португалскиот“.
„Може да има илјада и една причина, прерано е да се процени“, рече тој, додавајќи дека РЕН е во постојан контакт со Шпанија.