[ФОТО] Син рај без премногу туристи – Велат дека е едно од најубавите места во светот

Точка

14/04/2025

16:34

1.656

Големина на фонт

а а а

Кога ќе посакаме да отпатуваме на остров, тоа е најчесто патување на море и уживање во сонцето, но може да послужи и како бегство од секојдневието и метежот и барање парче слобода.

Островот Диско, или „Qeqertarsuaq“, се наоѓа во заливот Бафин, на западниот брег на Гренланд. По главниот остров (Гренланд), тој е втор по големина и еден од 100-те најголеми острови во светот, пишува punkufer.hr.

Самото име „Qeqertarsuaq“ значи Голем остров. Иако не е преплавен со посетители, туристичкиот имиџ на Диско би можел да се промени, особено откако престижниот магазин Тајм аут го прогласи за една од најубавите дестинации во светот.


Пловејќи низ синото море кај западниот брег на Гренланд, на виделина се појавува бујниот зелен остров Диско, окружен со блескави бели санти лед. Планините со црвенкаста боја како цигли се издигнуваат високо, додека брановите удираат по црниот брег на плажата Сиорарсуит.

Особено е драматично во зима, кога снежната покривка овозможува скијање сè до морето, но омилен е и во лето, кога островјаните се собираат во зелената природа што го опкружува.




Иако неверојатно убав, на копнениот дел на Гренланд му недостасуваат дрвја, како и растенија кои претежно растат само до глуждовите. Плажата Сиорарсуит е единствената плажа со црн песок во целата земја, а уникатни се и нејзините црвени планини со рамен врв – локално познати како Големиот Кањон.

Остров на различностите

Во лето, возењето со брод од копното трае околу два часа, а самото патување е авантура само по себе и често се претвора во восхитување на животните. Вообичаено е да се видат китови, главно грбави, а тука се и фоките – кои можат да се видат на еден километар од брегот.

„Имаме многу различни предели на овој остров: плажа со црн песок, карпи од базалт и стрмни карпи, високи водопади и топли извори“, изјавил за Си-ен-ен, Марк Молгорд, локален туристички водич и ловец.


До плажата се наоѓа прекрасното гратче Кекертхарсуак, со шарени куќи и гостопримливи луѓе. Таму ќе ви кажат дека една од претставите кои природата им ги приредува е уривањето на глечерот кој никого не остава рамнодушен.


Но, вистинскиот адут се цвеќињата кои во лето ги има во сите бои. Бидејќи таму растат повеќе цвеќиња отколку во остатокот од земјата, на работ на плажата има ботанички центар кој привлекува истражувачи од целиот свет.



За туристите кои бараат поактивен одмор, островот Диско нуди можности за планинарење со прекрасни погледи, а на врвот на планината постои можност за тура со санкање со кучиња. Во зима, плажата Сиорарсуит е покриена со снежна покривка, што е еден од најчистите снегови на планетата, а планините нудат одлични скијачки патеки.