На прво место е Шпанија, но и други земји не дозволуваат: Ова лето два пати размислете пред да запалите цигара на плажа

Точка

15/04/2025

19:23

963

Големина на фонт

а а а

Туристите кои планираат одмор во југоисточна Шпанија треба да ги имаат на ум новите забрани кои ќе бидат во сила летово.

На плажата Л’Албир, која се наоѓа во близина на популарното шпанско одморалиште Аликанте, од ова лето ќе биде воведена нова забрана за пушење. Оваа вест ја соопшти градоначалникот на Л’Алфас, Винсенте Аркес, кој истакнал дека целта на оваа забрана е да се подобри имиџот на регионот и да се позиционираат како пример за здрав меѓународен туризам.


Забраната за пушење на плажите во Шпанија не е новост

Меѓутоа, ова не е новост за Шпанија.

Неодамна, слични прописи биле воведени и во неколку други шпански региони, вклучувајќи ги и Балеарските Острови (Мајорка, Ибица, Минорка и Форментера), Валенсија и Барселона, каде што пушењето на плажите исто така е забрането.

Бенидорм планира да воведе слична мерка следната година.

Минатото лето, на плажите Леванте и Пониенте била воведена забрана за пушење.

Овие промени следуваат откако шпанските власти во 2021 година добија пошироки овластувања за воведување забрани за пушење на плажите, а на прекршителите им се закануваат парични казни до 2.000 евра, пишува „Дејли мејл“.


Се зголемува бројот на плажи без пушење во Шпанија

Околу 20 отсто од плажите во Шпанија веќе станале „зони без пушење“, а повикот за целосна забрана за пушење на бреговите на оваа земја не е само резултат на загриженоста за пасивното пушење, туку и на еколошката штета која ја предизвикуваат отпушоците од цигари.

Иако Шпанија сè уште нема закон со кој се забранува пушење на плажите на национално ниво, локалните власти ширум земјата носат одлуки во врска со оваа забрана, а сè поголем број градови, општини и села поставуваат табли со кои се забранува пушење на плажи.


Така, бројот на плажите кои годинава воведуваат забрана за пушење достигнал рекордна бројка.

Од 3.500 плажи во земјата, 700, или околу 20 отсто, сега ја имаат оваа забрана.

Меѓутоа, спроведувањето на оваа забрана не е исто во сите делови на Шпанија.

„Иако се зголемува бројот на плажи без пушење, повеќето од овие мерки се козметички и едукативни, бидејќи не се спроведуваат казните“, изјавила Ракел Фернандез, претседателка на здружението „Нофумадорес“.

Исклучоци и законски измени

Постојат важни исклучоци од овој пристап. Градовите како Барселона, Лорет де Мар и општините на Канарските Острови имаат регулативи засновани на закони за отпад и контаминирана почва, кои дозволуваат воведување казни.

Исто така, во 2022 година, Кантабрија станала првата автономна заедница која ги прогласила сите свои плажи за плажи без чад, вкупно 87 плажи, а исто така усвоила закон што ѝ овозможува да биде првиот регион со сопствено законодавство во овој поглед.

Галиција има своја „Red Galega de Praias sen Fume“ (Галициска мрежа на плажи без чад), која вклучува 242 локации, што е 25 отсто од сите регистрирани плажи во регионот.


Додека Коруња се издвојува со најмногу плажи каде што е забрането пушењето – вкупно 108, поради „големата загриженост за загадувањето кое го предизвикуваат цигарите во индустријата за морска храна“.

За разлика од другите региони, Канарските Острови имаат закон со кој формално се воведуваат казни за пушење на плажите. Вкупно 67 плажи на Канарските острови забрануваат пушење.

Во Андалузија вкупно 57 плажи ја имаат оваа забрана, а бројот на плажи не е зголемен во последната деценија. Кадиш и Малага имаат најголем број плажи прогласени за плажи „без чад“.

Еколошки проблем

Во случајот со плажите, повикот за забрана за пушењето не се однесува само на здравјето на пасивните пушачи, туку претставува и сериозен еколошки проблем.

Филтрите на цигарите се состојат од целулоза ацетат, пластика која не се распаѓа лесно и која по фрагментацијата станува микропластика. Науката повеќе пати докажала дека микропластиката се акумулира во човечките и животинските организми.


Во светот годишно се фрлаат 4,5 милијарди отпушоци од цигари, од кои повеќе од две третини завршуваат на дното на морето поради неодговорно постапување. Шпанците пушат 32,8 милијарди цигари годишно, а се проценува дека 15 отсто од нив завршуваат на плажите. Овој отпад содржи различни еколошки токсични компоненти, вклучувајќи арсен, никотин и тешки метали. Се верува дека една цигара може да загади од 10 до 50 литри вода.

Има и други забрани – ова ќе ве изненади!

Туристите мора да внимаваат и на можни казни до 190 евра доколку купат сувенири од нерегистрирани продавачи на плажите или улиците.

Полицајци во цивилна облека патролираат на брегот на градот Коста Бланка за да го спречат нелегалното улично продавање, кое локалното население го нарекува „мантерос“ (улични продавачи).


Во меѓувреме, популарната туристичка дестинација Магалуф на Балеарските Острови вовела ограничувања на консумацијата на алкохол. Според новите мерки што ги вовел градоначалникот на Калвија, Хуан Антонио, туристите веќе нема да можат да пијат алкохол на улиците.

Оваа забрана ќе важи најмалку до декември 2027 година, а казните за прекршителите ќе се движат од 500 до 1.500 евра.

Каде на други мести во Европа е забрането пушењето на плажите?

Во Франција, уште во 2012 година, Ница стана првата француска плажа каде пушењето било забрането.

Во ноември 2023 година, Франција вовела забрана за пушење на сите плажи, паркови, шуми и во близина на училиштата, со казни за прекршителите.

Исто така, минатата година италијанскиот остров Капри го забранил пушењето на плажите и вовел казни до 500 евра.

Во Малта, во одредени области, како што се плажите кои се под заштита на природните ресурси, пушењето е забрането со цел да се заштити животната средина, а особено да се заштитат морето и плажите од отпушоците.


На некои плажи во Турција, особено во близина на туристичките зони и националните паркови, пушењето е забрането со цел да се зачуваат чисти плажите и да се намали загадувањето.

Во Грција, поточно на некои плажи, пушењето е забрането од еколошки причини и поради зачувувањето на чистотата на плажите. Забраната се применува во одредени области, особено во туристичките дестинации.

Во нашиот регион, во Хрватска, Словенија и Црна Гора, сè уште нема ограничувања или забрани за пушење на плажите.