„Чудо“ во зоолошка градина – Желки стари речиси 100 години за прв пат станале родители

Точка

07/04/2025

23:16

13.999

Големина на фонт

а а а

Пар загрозени, речиси 100-годишни желки од Галапагос во зоолошката градина во Филаделфија за прв пат станале родители.

Зоолошката градина во соопштение истакнала дека е „пресреќна“ поради доаѓањето на четири младенчиња, што е првпат во нејзината историја подолга од 150-години.

Младенчињата се потомци на женката Мами и мажјакот Абразо, двајцата најстари жители на зоолошката градина.


Засега се чуваат во Куќата на влекачи и водоземци и соодветно се хранат, соопштија од зоолошката градина.

Тие тежат меѓу 70 и 80 грама, приближно колку јајце од кокошка.

„Ова е значајна пресвртница во историјата на зоолошката градина во Филаделфија и премногу сме возбудени што можеме да ја споделиме оваа вест со нашиот град, регион и светот“, рекла претседателката и извршна директорка Џо-Ел Могерман во соопштението.

Според неа, Мами пристигнала во зоолошката градина во 1932 година, што значи дека сите што ја посетиле зоолошката градина во последните 92 години веројатно ја виделе.


„Визијата на зоолошката градина во Филаделфија е дека овие младенчиња ќе бидат дел од просперитетна популација на желки од Галапагос на нашата здрава планета за 100 години од сега“, истакнала таа.

Зоолошката градина планира за прв пат да ги претстави младенчињата на 23 април, како и да организира натпревар за избор на нивните имиња.