Принцезата Дијана и принцот Филип споделувале слична судбина во кралскиот двор, што го правело сопругот на кралицата Елизабета Втора единствениот кој навистина ја разбирал својата снаа.
Иако поминаа децении од нејзината трагична смрт, принцезата Дијана останува една од најпознатите фигури на британското кралско семејство. Нејзината бескомпромисна личност и одлучност да не дозволи правилата на монархијата да го диктираат нејзиниот живот ја направија незаборавна. Таа не се плашеше да ја зборува вистината и да го покаже вистинското лице на кралскиот двор, што често ја доведуваше во судир со семејството.
Но, личноста која секогаш ѝ давала поддршка бил принцот Филип.
Иако често се претставувал како резервиран и строго посветен на протоколот, влијанието на принцот Филип во кралското семејство било значително.
Тајните писма
Дијана и Филип биле многу блиски, особено по нејзиниот развод со неговиот син, кралот Чарлс III. Тие редовно разменувале писма, а во едно од нив принцезата му се обратила како „најмилиот тато“.
Долги години се зборуваше дека принцот Филип бил остар противник на врската меѓу Чарлс и Камила Паркер Боулс. Разводот на Дијана само ја зацврстил нивната блискост, бидејќи тој не можел да ги поднесе нејзините страдања и неправдата што ѝ била нанесена.
Принцот Филип, кој по бракот со кралицата беше принуден да се откаже од титулата грчки принц и да прифати нова улога во британската монархија, добро ја разбирал позицијата на Дијана. Иако аристократка, таа не била сметана за совршена сопруга за Чарлс, што уште повеќе ја приближило до Филип.
Советник и заштитник
Првите нивни писма беа откриени во 1992 година и предизвикаа вистински шок во кралскиот двор. Малкумина можеа да претпостават дека принцот Филип ѝ давал лични совети на Дијана за нејзиниот брак, ѝ нудел поддршка и ја поканувал на приватни средби за да разговараат за нејзините проблеми.
Филип ѝ пишувал за тежината на животот во кралското семејство и ѝ објаснувал дека бракот со член на монархијата носи товар кој не секој може да го издржи.
Но, она што најмногу ја потресе јавноста беше неговиот став кон Камила. Филип бил огорчен од признанието на Чарлс во 1995 година дека за време на целиот брак ѝ бил неверен на Дијана. Во приватни разговори, тој му рекол на својот син дека Камила е жена за забава, додека Дијана е жена за сите времиња и дека разводот е неговата најголема грешка.
Последна почит
По трагичната смрт на Дијана, принцот Филип лично учествувал во организирањето на нејзиниот погреб. Тој бил еден од главните гласови кои ги убедиле неговите внуци, принцовите Вилијам и Хари, да учествуваат во поворката со која народот се простил од својата сакана принцеза.
Врската помеѓу принцот Филип и Дијана останува една од најинтригантните и најмалку познатите приказни од британскиот кралски двор.