Машко-женските односи отсекогаш биле комплицирани, а понекогаш и неразбирливи како од едната, така и од другата страна.
Зборовите кои Фрида Кало му ги упатила на својот сопруг Диего можеби најдобро го покажуваат раздорот во мислите и чувствата кои може да ги има еден љубовен пар.
Фрида Кало својот прв сопруг, сликарот Диего Ривера, го запознала преку пријатели. Таа била воодушевена од неговите сликарски способности, како и тој од нејзините.
Бил висок, крупен, 21 година постар од ситната, болежлива Фрида, поради што ги нарекувале „слонот и гулабицата“.
Набргу по венчавката, која се одржала на 21 август 1929 година, Фрида сфатила дека љубовта на Ривера кон неа не ги исклучува неговите односи со други жени, вклучително и нејзината сестра.
Тој копнеел за слобода и сакал да ја поседува секоја жена, а тоа му обезбедувало неприкосновен углед.
Физички бил непривлечен, но жените едноставно му се фрлале во прегратка.
Во Мексико бил Бог: како сликар, претставник на мексиканската ренесанса и идеолог на работничката класа. Многу дами сакале да му позираат и да бидат овековечени на неговите мурали. На романсата со него гледале како на пат до вечноста. И неговите политички убедувања не биле исклучиво против неистомислениците – тој бил жесток комунист, но флертувал со капитализмот и ги земал нивните пари.
Диего често ја изневерувал Фрида, а како би му се одмаздила, таа се впуштала во разни авантури и со мажи и со жени. Сето тоа оставило длабока трага на Фрида во форма на душевна болка.
Таа немала никогаш деца.
Покрај многуте испишани писма, таа во една прилика напишала зборови за нејзиниот сопруг Диего, со кои ја искажала нејзината неверојатна виталност и гордост и покрај сите тешкотии што ја снашле во животот.
Ви го пренесуваме во целост.
„Не барам од тебе да ме бакнеш или да ми се извиниш кога мислам дека не си ја направил вистинската работа.
Нема да барам од тебе да ме гушнеш кога ми е најпотребно.
Не барам да ми кажеш колку сум убава, или да ми напишеш нешто убаво.
Нема да те замолам да ми се јавиш за да ми кажеш како ти поминал денот, ниту пак дека ти недостигам.
Нема да барам од тебе да ми се заблагодариш за сè што правам за тебе, ниту да се грижиш за мене кога душата ми е скршена.
Се разбира, нема да барам од тебе да ме поддржуваш во моите одлуки.
Нема ни да барам да ме сослушаш кога имам илјада приказни за раскажување.
Нема да барам ништо од тебе, па дури ни да останеш со мене засекогаш.
Затоа што ако мора да го побарам сето ова, јас истото повеќе не го сакам …“