Мажот кој тврди дека ја поседува најстарата мачка во светот, вели дека нејзиниот долг живот се должи на „многу задоволства и галење“, како и на исхрана која вклучува шкампи, лосос и флаширана вода.
Лесли Гринхоф (70) верува дека Мили, за која смета дека е стара 30 години, е најстарата жива мачка во светот, но не може со сигурност да ја потврди нејзината возраст, пренесе Би-би-си.
Тој рекол дека Мили првично ѝ припаѓала на неговата покојна сопруга Пола, која ја земала како тримесечно маче во 1995 година, а неодамна го прославил нејзиниот 30-тиот роденден со специјална торта со шлаг.
Гринхоф, поранешен магационер од Стокпорт, Манчестер, рекол дека тоа бил фантастичен ден и дека е неверојатно што го доживеала 30-от роденден.
Тој исто така додал дека неговата сакана мачка „уживала лижејќи го шлагот“ од тортата.
„Мојата животна цел е да ја внесам во Гинисовата книга на рекорди. Но, не можам да ја докажам нејзината возраст. Единствената личност која можеше да го потврди тоа е мојата покојна сопруга, која за жал почина пред пет години“, рекол Лесли.
Во 2022 година Гинисовата книга на рекорди објави дека најстарата мачка во светот умрела во 2005 година на 38-годишна возраст. Мачката по име Крем Паф, била родена на 3 август 1967 година, а живеела со својот сопственик во Остин, Тексас.