Најпродаван автомобил во Европа во февруари беше "Dacia Sandero", со што овој модел ја потврди доминацијата што ја воспостави уште минатата година.
На второто место се најде "Citroën C3", додека трет беше "Renault Clio", што претставува подобрување во однос на послабите резултати од јануари.
Како што веќе споменавме, "Dacia Sandero" беше најпродаваниот автомобил во Европа во 2024 година, а истиот тренд продолжи и во јануари и во февруари 2025. Според пишувањата на романскиот портал "Profit.ro", во февруари биле продадени 20.832 "Sandero" автомобили, што е 3,5% повеќе во споредба со истиот месец минатата година.
"Dacia", значи, останува апсолутен „владетел“ на Европа, но изненадувачки е подобрувањето на резултатите на "Citroën C3" – овој модел е продаден во 18.181 примерок, со што "Citroën" по подолго време повторно се најде во Топ 3 на оваа листа.
На четвртото место е "Volkswagen Golf", а Топ 10 го комплетираат: "Peugeot 208", "Volkswagen Tiguan", "Dacia Duster", "Volkswagen T-Roc", "Toyota Yaris Cross" и "Peugeot 2008".
"Dacia" со електричен автомобил под 18.000 евра
Инаку, "Dacia" неодамна најави дека наскоро ќе развие нов електричен автомобил што ќе чини помалку од 18.000 евра.
Според извршниот директор на "Renault Group" (на која ѝ припаѓа Dacia), Лука де Мео, овој мал и економичен електричен автомобил ќе биде произведен во Европа за помалку од 16 месеци.
Исто така, беше најавен и нов "Twingo" со слични спецификации. Де Мео ги повика конкурентските компании во авто-индустријата побрзо да развиваат нови модели, додавајќи дека идните возила на "Renault Group" ќе мора да бидат дизајнирани за помалку од 100 недели (односно 23 месеци).
"Dacia" веќе оствари голем успех во 2021 година со "Spring", достапен електричен автомобил произведен во Кина, кој нуди скромен досег. Сепак, овој модел сега е погоден од дополнителните европски царини за електрични возила произведени во Кина.