Ѓоковиќ по новото историско достигнување: Сакам да го урнам рекордот на Конорс

Дерби

24/03/2025

14:55

1.395

Големина на фонт

а а а

Новак Ѓоковиќ се пласираше во осминафиналето на Мастерсот во Мајами со триумфот кој го забележа над Аргентинецот Уго Карабелји, но рутинската победа испадна дека е историска благодарение на статистиката која ја водат педантните аналитичари.

Ноле вчера стигна до својата 411-та победа на Мастерс турнирите од серија 1000 и со тоа изби на првото место на вечната листа по бројот на извојувани триумфи, оставајќи го зад себе Рафаел Надал кој има 410 победи.

Ова ново историски достигнување е само еден од низата рекорди кои ги држи српскиот тенисер, кој до крајот на кариерата се надева дека ќе го урне и оној на Џими Конорс кој за многумина е недофатлив.

Ѓоковиќ на актуелниот Мастерс во Мајами ја брка својата јубилејна 100-та титула во кариерата, но неговата цел е да го урне рекордот на Конорс кој изнесува 109 освоени титули.

– Ќе биде голема работа ако успеам да го урнам рекордот на Конорс. Џими е некој кој навистина многу го почитувам и отсекогаш сум му се восхитувал. Тој е еден од оние кои секогаш јавно ме поддржувале и затоа сум му многу благодарен. Би било феноменално да го урнам и тој рекорд.

– Јасно е дека сега изгледа потешко за уривање од пред неколку години, но јас одам чекор по чекор. Никој не знае уште колку ќе играм, но моја цел е да бидам најдобар на грен-слемите и на останатите големи турнири на кои учевствувам. Поважно за мене е да освојам таков турнир, отколку да бидам светски рекет број еден, првото место веќе не е мој приоритет, – изјави Ѓоковиќ кој во осминафиналето во Мајами ќе игра против Лоренцо Музети.