[ВИДЕО] Тиктокер влегол во болницата во Рим, тврдејќи дека тоа е доказ дека Папата починал – Ватикан демантира

Точка

11/03/2025

22:08

2.474

Големина на фонт

а а а

Ватикан активно се спротивставува на ширењето лажни информации за здравствената состојба на папата Франциско, откако на социјалните мрежи се појавија неосновани тврдења дека тој починал, пренесе Гардијан.

Портпаролот на папата ги демантирал гласините, нагласувајќи дека Папата е во стабилна состојба и продолжува да закрепнува. Потсетуваме Папата беше хоспитализиран на 14 февруари и од тој ден не е виден во јавноста.

Додека папата Франциско се лекувал од билатерална пневмонија, италијанскиот тиктокер Отаво со својата камера непречено влегол во едно од одделенијата во болницата Гемели во Рим. Неговата цел била да ја потврди теоријата на заговор која со недели се ширела на социјалните мрежи, дека 88-годишниот Папа починал, а Ватикан тоа го крие.

Тиктокерот: Да беше жив Папата, ќе имаше повеќе обезбедување во болницата

„Нема никакво обезбедување. Никогаш не би можел да стасам толку далеку доколку тој беше овде, во болницата. Според мене, папата Франциско починал“, им порачал Отаво на своите следбеници. Меѓутоа, Отаво занемарил еден клучен факт, а тоа е дека одделението во кое упаднал не е она каде што се лекува Папата.


Откако папата Франциско беше хоспитализиран минатиот месец, Ватикан води битка против лажните вести, теоретичарите на заговор и сликите направени со помош на вештачка интелигенција кои кружат на социјалните мрежи. Ватикан редовно објавува ажурирања за неговото здравје, вклучително и гласовна порака од неговиот болнички кревет.

Уште еден тиктокер влегол во болницата

Неколку дена пред Отаво, друг тиктокер, познат по прекарот Ер Бомболино, се обидел да влезе во болница за да докаже дека Папата починал, но и тој завршил на погрешно одделение.


Папата Франциско доживеал продолжен астматичен респираторен напад на 22 февруари, а на 28 февруари имал изолиран бронхоспазам, затегнување на мускулите што ги обложуваат дишните патишта во белите дробови. Лекарите вчера соопштија дека папата повеќе не е во непосредна опасност и добро реагира на лекувањето, но на социјалните мрежи продолжуваат да се шират лажни вести за неговото здравје.

Од неговото пристигнување во болницата, некои профили на социјалните мрежи четири пати лажно објавија дека папата починал, а илјадници лажни фотографии почнаа да кружат на интернет, прикажувајќи го Франциско во тешка состојба, облечен во бела реверенда на болнички кревет, со кислород на лицето.


Ватикан: Редовно и транспарентно ги објавуваме информациите

Пред пет дена, за прв пат откако беше хоспитализиран, Папата сними и објави аудиопорака во која им се заблагодари на сите што се молеа за негово закрепнување. Неговиот глас звучеше исцрпено по речиси три недели борба со пневмонија. „Ви се заблагодарувам од сè срце за вашите молитви за моето здравје. Ве следам од болницата“, рече Папата во пораката на шпански, емитувана на плоштадот Свети Петар.


Италијанските медиуми шпекулираат дека една од целите на објавувањето на аудиопораката е одговор на Ватикан на лажните вести за неговата смрт. Дневниот весник „Avvenire“, поврзан со Католичката црква, напиша дека аудиопораката на Папата, објавена синоќа, е првиот доказ за побивање на овие инсинуации. Меѓутоа, поради неговата продолжена хоспитализација, постои ризик да продолжи ширењето на лажни вести.

„Лажните вести зборуваат сами за себе. Ние нашите информации редовно и транспарентно ги објавуваме“, изјави директорот на прес-службата на Ватикан.

Полицијата наводно размислува за тужби поради дезинформации

Полицијата, наводно, собира пријави за дезинформации и разгледува можни обвиненија, иако Министерството за внатрешни работи за „Гардијан“ изјави дека во моментов не е во тек официјална истрага. Тиктокерите Отаво и Ер Бомболино ги бранеа своите постапки во заедничко видео објавено на Инстаграм.


„Ние не сме теоретичари на заговор. Ние сме лојални на папата Франциско. Ние само ја бараме вистината. Каде е папата Франциско?“, порачаа тие. Ватикан претходно соопшти дека одлуката да не се појавува на видеоснимки е лична одлука на папата Франциско. „Секој е слободен да одлучи како и кога ќе се појави во јавноста“, соопшти Канцеларијата за печат на Ватикан.