[ВИДЕО] МВР откри детали за вчерашната голема акција: Уапсени 11 лица, пронајдени оружје, документи, возила

Макфакс

11/03/2025

13:58

2.970

Големина на фонт

а а а

Вчера е спроведена полициска акција од страна на Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО за ГОКК, при што врз основа на обезбедени наредби од Основен кривичен суд извршени се претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Битола и Кичево, кај правни и физички лица, во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати.

Во рамки на акцијата лишени од слобода се 11 лица, едно лице е недостапно за органите на прогонот и едно е со мерка притвор. До сега, од извршените претреси пронајдени и одземени се документација, пет мобилни телефонски апарати, околу 1500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила.

Од страна на МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесена е кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ против 13 физички и едно правно лице и тоа: В.К. (55) од Битола, А.М. (44) од Скопје, Н.С. (61) од Општина Маврово и Ростуше, Е.П. (52) од Скопје, М.Н. (60) од Скопје, Б.М. (51) од Скопје, Р.Р. (48) од општина Желино, Д.С.Ј. (43) од Куманово, Д.С. (66) од Скопје, Д.С. (43) од Велес, Р.К. (38) од Скопје, Е.С. (43) од Кичево и А.Ј. (40) од с.Пласница и правно лице од Скопје.

МВР по насоки на надлежниот јавен обвинител ќе продолжи со преземање на понатамошни полициски активности и дејствија со цел обезбедување на други докази поврзани и со други кривични дела, најавија надлежните.