[ФОТО] Наоми Кембел се прошета на модната писта во Милано – Докажа дека сè уште е модна икона

Точка

26/02/2025

15:28

946

Големина на фонт

а а а

Наоми Кембел се прошета на ревијата на „DSquared2“ како дел од модната недела во Милано. 54-годишната манекенка на пистата се појави во црно кожено боди и високи чизми.

Наоми во оваа креација ја покажа својата витка линија, а кадравата коса ѝ послужи како додаток на атуфитот.




Инаку на ревијата се појавија и Ирина Шајк и Изабели Фонтана.


Пробив на сцената и издигнување до статус на супермодел

Наоми Кембел е една од најпрепознатливите и највлијателните манекенки на сите времиња. Нејзината кариера трае повеќе од четири децении, а освен што ги поместува границите во модната индустрија, таа стана и симбол на убавината, силата и борбата за еднаквост.


Наоми Елејн Кембел е родена на 22 мај 1970 година во Лондон. Нејзиното влегување во светот на манекенството се случило сосема случајно. Имено на само 15 годишна возраст ја забележал Бет Болд од агенцијата „Synchro Model Management“ додека шетала низ Ковент Гарден. Набргу потоа потпишала договор и ја започнала кариерата која ја доведе до самиот врв на светската мода.


Веќе следната година,во 1986 година, таа го остварила своето деби на модните писти и започнала да соработува со престижни дизајнери како Азедин Алаја, Џани Версаче и Ив Сен Лоран.

Врвот на кариерата

Наоми Кембел беше дел од елитната група на супермодели кои доминираа на модната сцена во доцните 1980-ти и 1990-тите, заедно со Синди Крафорд, Кристи Тарлингтон, Линда Евангелиста, Татјана Патиц и Клаудија Шифер. Нивната популарност ги надмина границите на модата – тие станаа глобални ѕвезди.


Во 1987 година, Наоми стана првата црна манекенка на насловната страница на британскиот „Vogue“ по повеќе од 20 години. Една година подоцна, во 1988 година, таа направи уште еден историски пробив – стана првата црна жена на насловната страница на францускиот „Vogue“, а тоа се случило дури откако дизајнерот Ив Сен Лоран се заканил дека ќе ги повлече своите реклами доколку списанието не им даде шанса на манекенките со темна кожа.


Во текот на 1990-тите, Наоми учествувала во сите важни модни ревии и кампањи. Работела за најголемите модни куќи, вклучувајќи ги Версаче, Шанел, Диор, Валентино, Долче и Габана, Прада, Балмен и Живанши. Таа ги красела и насловните страници на сите престижни модни списанија и била заштитно лице на многу луксузни брендови.

Еден од највпечатливите моменти во нејзината кариера се случи во 1991 година кога го затвори шоуто на ревијата на Версаче во култниот златен фустан, додека публиката го скандирала нејзиното име.


Иако многу супермодели од нејзината генерација одамна престанаа да работат, Наоми сè уште е активна во манекенството, и продолжи да се појавува на ревиите на луксузните брендови.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk