Мажот кој наводно испукал 17 куршуми кон возило во Мајами Бич, Флорида, во саботата вечерта ѝ рекол на полицијата дека тоа го направил затоа што верувал дека патниците биле Палестинци, според извештаите на полицијата пренесе „CBS News“.
Мордехај Брафман (27) е уапсен и обвинет за два обиди за убиство. На снимката од надзорните камери се гледа како тој околу 21 часот и 30 минути направил полукружно вртење на улицата 48, застанал пред возилото на жртвите и испукал рафал куршуми од полуавтоматски пиштол.
Во полициско интервју, Брафман изјавил дека додека го возел својот камион, „видел двајца Палестинци и ги застрелал и убил“, пишува во полицискиот извештај.
Сепак, двете жртви преживеаја; едниот се здобил со прострелна рана во рамото, додека другиот се здобил со гребнатинка од куршум на подлактицата.
Инспекторите не објавија дали пукањето се третира како злосторство од омраза. Меѓутоа, огранокот на Советот за американско-исламски односи (CAIR-Флорида) бара федерални обвиненија за злосторство од омраза во врска со овој инцидент.
Во изјавата, Вилфредо Амр Руиз, директор за комуникации на CAIR-Флорида, рече дека обвиненијата за злосторство од омраза мора да бидат поднесени врз основа на изјавата на осомничениот во полицијата, кои јасно укажуваат на „антипалестински мотив“.
Брафман е задржан во затворскиот центар Тарнер Гилфорд Најт во округот Мајами-Дејд, според извештајот на Мајами Хералд.
Повикувајќи се на извори од органите на редот, весникот исто така објави дека, жртвите биле Ари Раби и неговиот татко, туристи од Израел, а кои престојувале во Мајами Бич откако претходно биле во Колумбија и Калифорнија. Исто така во својата Фејсбук објава, Раби го потврди инцидентот објавувајќи фотографии од болница и неговиот автомобил со дупки од куршуми, и додаде дека биле жртви на антисемитски напад.