Забраните за употреба на мобилните телефони во училиштата не ги подобруваат оценките ниту менталното здравје

Точка

07/02/2025

09:49

497

Големина на фонт

а а а

Истражувањето на Универзитетот во Бирмингем покажа дека времето кое учениците го поминуваат во спиење и вежбање, и нивниот школски успех, не се разликуваат кога ќе се споредат училиштата кои дозволуваат мобилни телефони со училиштата кои не го дозволуваат тоа.

Утврдено е дека рестриктивните политики за мобилни телефони не го намалуваат вкупното време кое младите секојдневно го поминуваат на своите телефони. Истражувањето, кое беше рецензирано и објавено, опфатило 1.227 ученици од 30 средни училишта.


„Нема докази дека рестриктивните политики за мобилни телефони во училиштата, во нивната сегашна форма, имаат позитивен ефект врз менталното здравје и благосостојбата на адолесцентите или врз сродните резултати“, заклучија авторите на истражувањето.

Сепак, поминување подолго време пред екраните генерално влијае врз менталното здравје на учениците, однесувањето во училницата, физичката активност и циклусите на спиење. Викторија Гудјер, водечки автор на истражувањето, изјави за Би-би-си дека забраната за мобилни телефони во училиштата не е ефикасен начин за борба против негативните ефекти од прекумерната употреба на мобилни телефони.

„Ние сугерираме дека овие забрани сами по себе не се доволни за борба против негативните ефекти. Треба да направиме повеќе отколку само да ги забраниме мобилните телефони во училиштата“, рече таа.


Истражувањето повика на „похолистички“ пристап за намалување на употребата на мобилни телефони кај учениците.

„Овој пристап нужно не ги исклучува рестриктивните политики за мобилни телефони во училиштата, но овие политики треба да се поврзат со поширок, холистички пристап кон употребата на мобилните телефони и социјалните медиуми меѓу адолесцентите“, заклучија авторите на студијата.

Британската министерка за образование го отфрли законот за забрана на мобилни телефони во училниците

Истражувањето беше објавено откако британската министерка за образование ги отфрли повиците на конзервативците да воведат нова легислатива со која ќе се забранат мобилните телефони во училниците.


Министерката Бриџит Филипсон рече дека се согласува со тоа дека мобилните телефони не треба да бидат дозволени во текот на училишните часови, но додаде дека опозицијата греши со тврдењето дека тоа може да се направи само преку законодавството.

„Наставниците веќе имаат јасни упатства за ефикасно управување со употребата на мобилни телефони на начин што е соодветен за нивните училишта“, рече владиниот службеник.

„Нашиот фокус е младите луѓе да бидат безбедни, а истовремено да имаат корист од најновата технологија. До лето на сила ќе стапат нови, строги заштитни мерки за децата преку Законот за безбедност на Интернет, со цел да ги заштитиме од штетната содржина на интернетот и да се осигураме дека имаат онлајн искуство соодветно на нивната возраста“.


„Потребни се повеќе цврсти докази за да се извлечат јасни заклучоци за влијанието на мобилните телефони врз децата, поради што започнавме сопствено истражување, предводено од Универзитетот во Кембриџ, за влијанието на социјалните медиуми врз целокупната благосостојба на децата“, додаде владиниот службеник.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk