[ФОТО/ВИДЕО] Едвај го преживеала стравичниот напад на Хамас: Девојката која ќе го претставува Израел на Евровизија 2025

Точка

23/01/2025

15:58

389

Големина на фонт

а а а

Израелската пејачка Јувал Рафаел е годинашната победничка на музичкото натпреварување „HaKokhav HaBa“ (во превод: „Следната музичка ѕвезда“) и со тоа стана претставничка на Израел на 69. издание на Изборот за песна на Евровизија.

Последното издание на „HaKokhav HaBa“ започна во ноември, а финалето се одржа вчеравечер. Во конкуренција од четворица финалисти, Рафаел успеа да издвојува победа и да си обезбеди билет за Базел – градот каде што ќе се одржи годинашната Евровизија.

„Не можам да објаснам колку сум возбудена и спремна! Ви благодарам за честа и довербата да ја претставувам мојата држава на големата евровизиска сцена во Швајцарија“, изјави младата пејачка по победата, а пренесе официјалната веб-страница на Евровизија.


Оваа 24-годишна пејачка ја започна својата професионална кариера минатата година и веднаш ја освои публиката со својот глас. Како дете, вели, најголеми музички влијанија ѝ биле рок-групите „Лед Зепелин“ и „Скорпионс“, а за свои идоли ги смета пејачките Бијонсе и Селин Дион.

На 7 октомври 2023 година, милитантите на исламистичкиот Хамас изненадувачки упаднаа во Израел и во масакри и ракетни напади убија над 1.000 луѓе, кои присуствуваа на фестивалот Нова. Меѓу нив била и оваа млада музичка надеж, која за среќа успеала да го преживее нападот.

„Музиката е една од најсилните состојки во мојот процес на лекување“, изјавила Рафаел за време на натпреварот.


Таа порачала дека сака да се појави во Европа и „да им ја раскаже приказната за земјата, она низ кое поминав јас, за она низ кое поминуваа другите“.

„Сакам да им ја раскажам приказната, но не барам сожалување. Сакам силно да се соочам со ова, како и со исвиркувањето за кое 100 отсто сум сигурна дека ќе дојде од публиката“, изјавила израелската претставничка.

Изборот за песна на Евровизија ќе се одржи во Базел од 13 до 17 мај.

Да потсетиме, учеството на Израел на минатогодишниот Избор за песна на Евровизија предизвика низа контроверзии поради конфликтот во Газа, што резултираше со бројни протести во Малме, Шведска. И покрај бројните критики, израелската пејачка Еден Голан успеа да се пласира во големото финале и да го освои 5. место.