Поттикнувањето на децата да јадат зеленчук може да биде полесно отколку што мислите - сè што ви е потребно е малку имагинација. Експертите за однесување открија иновативна стратегија која им помага на децата со воодушевување да посегнат по овошје и зеленчук. Интересно е што овој метод се покажал како поефикасен од ветувањето десерт или заканувачката казна.
Германскиот психолог Вернер Сомер и неговиот тим создадоа бајки во кои овошјето и зеленчукот имаат магични својства. Нивното истражување покажа дека само 20 минути раскажување на такви приказни може да предизвика интерес кај децата за овие здрави намирници.
Студијата, објавена во февруари во списанието „Appetite“, беше спроведена на Универзитетот Хумболт во Берлин во соработка со Универзитетот од Најроби. Целта на истражувањето беше да се пронајдат техники за родителство кои ги поттикнуваат децата сами да донесуваат здрави прехранбени одлуки.
Истражувачите собрале 80 деца од градинка и ги поделиле во две групи. Едната група слушаше приказна во која главниот лик победил болест благодарение на зеленчук со магични својства. Втората група слушаше слична приказна, но без никакво спомнување на храна.
Секој ден во текот на две недели, на децата им беа понудени повеќе закуски: овошје, зеленчук, колачи или кески, сите послужени на ист послужавник.
Резултатите беа импресивни. Дури 80% од децата кои слушале приказни за магичен зеленчук избрале повеќе овошје и зеленчук, дури и по три недели од завршувањето на студијата. Децата од втората група, кои не слушнале приказни за храна, не покажале промена во нивните прехранбени навики.
„Една приказна која трае само околу 20 минути може да има силно влијание врз промената на преференциите од нездрави грицки кон здраво овошје и зеленчук“, изјави Сомер за „New Scientist“ во октомври 2024 година, кога беше објавен прелиминарниот извештај.
Бајките не се само забавни, туку ги обликуваат ставовите и перцепциите на децата. Истражувачите веруваат дека раскажувањето приказни за магичните својства на храната им помага на децата да ги поврзат овошјето и зеленчукот со позитивни искуства и авантури, што ги прави попривлечни.
Сомер и неговиот тим нагласуваат дека ваквите стратегии се клучни уште на рана возраст, кога се формираат прехранбените навики. Во време кога нездравата исхрана станува глобален проблем, наоѓањето креативни начини за поттикнување здрава исхрана уште од најраните години има потенцијал за големо влијание.