Што е човечкиот метапневмовирус од кој се плаши целиот свет и дали има причина за загриженост? Три групи пациенти може да развијат компликации – еве како да се заштитите

Точка

08/01/2025

20:18

3.371

Големина на фонт

а а а

Иако најчесто се јавува во зимските месеци и рана пролет, човечкиот метапневмовирус (ХМПВ) сè уште не е доволно познат на пошироката јавност.

Сепак, важно е да разбереме како се пренесува, како да го препознаеме и што може да сториме за да се заштитиме.

Во последно време, на социјалните мрежи кружат снимки од болници во Кина со преполни одделенија, каде што родители со деца чекаат во долги редици. Овие сцени предизвикаа загриженост за нова потенцијална епидемија. Иако нема официјални глобални предупредувања од здравствените власти, медиумите известуваат дека Кина и други земји, како Малезија, Индија, Казахстан, па дури и неколку во Европа, се соочуваат со пораст на инфекциите предизвикани од ХМПВ.


Што е човечкиот метапневмовирус?

Човечкиот метапневмовирус е респираторен вирус кој ги напаѓа горните дишни патишта, предизвикувајќи симптоми слични на настинка. Иако кај повеќето луѓе вирусот поминува без сериозни последици, може да предизвика компликации кај три категории: мали деца, постари лица и луѓе со ослабен имунолошки систем.

Како да ги препознаете симптомите?

Симптомите на ХМПВ обично се појавуваат неколку дена по изложувањето на вирусот. Најчести се:

• Кашлица

• Течење или затнат нос

• Болка во грлото

• Треска

Во потешки случаи, може да дојде до потешкотии со дишењето, губење на вкус и мирис или чувство на притисок во ушите и лицето. Симптомите обично траат 7 до 10 дена, но компликации како бронхитис или пневмонија се можни кај ранливите групи.


Како се пренесува вирусот?

Вирусот се шири преку капки кои настануваат при кашлање, кивање или близок контакт со заразено лице. ХМПВ може да опстане на површини неколку часа, што го прави лесно пренослив преку допирање контаминирани предмети.

Постои ли лек или вакцина?

Во моментов, не постои специфичен лек или вакцина за ХМПВ. Третманот се сведува на ублажување на симптомите со одмор, внесување течности и контролирање на температурата. Во потешки случаи, потребна е медицинска помош.

Како да се заштитите?

• Мијте ги рацете често со сапун и вода.

• Дезинфицирајте ги површините кои често ги допирате.

• Избегнувајте контакт со луѓе кои имаат симптоми на инфекција.

• Покривајте ја устата и носот со марамче при кашлање или кивање и веднаш фрлете го.

Д-р Конал Вотсон, епидемиолог во Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство, советува:

Ако имате висока температура, кашлица или болки во мускулите, ограничете го контактот со други, особено со ранливите групи. Во овој период циркулираат повеќе респираторни вируси, затоа носете маска ако морате да излезете надвор.

Иако загриженоста за ХМПВ расте, соодветните мерки за претпазливост значително го намалуваат ризикот од инфекција.