Односите помеѓу татковците и ќерките често се обликувани од начинот на нивната комуникација, а тоа може да биде и позитивно, но и негативно. За жал, одредени фрази кои татковците ги користат можат да имаат долгорочни последици врз емоционалната поврзаност со нивните ќерки. Според експертите и истражувањата, ова се трите фрази кои татковците често ги користат, а кои може да ги нарушат нивните односи со ќерките.
Кога татковците ќе им кажат на своите ќерки дека „претеруваат“, тие испраќаат порака дека изразувањето на нивните емоции не е прифатливо. Со тоа, тие не само што ја намалуваат важноста на чувствата на ќерките, туку и ги поттикнуваат да се чувствуваат засрамено поради нивната чувствителност.
Последицата од тоа, честопати е повлекување и намалување на емоционалната блискост, пишува „YourTango“. Истражувањето објавено уште во 2018 година покажа дека позитивниот однос помеѓу татковците и ќерките е поврзан со повисоката самодоверба, подоброто ментално здравје и намалениот ризик од проблеми во однесувањето.
Кога таткото ќе каже: „Премногу си самостојна“, тој испраќа порака дека самостојноста не е пожелна особина. Ова може да го ограничи развојот на силата и самодовербата на ќерката, правејќи ја да се чувствува несигурна во сопствените способности.
Едно истражување покажа дека блиските односи со татковците се поврзани со повисоки нивоа на успех, самодоверба и задоволство од животот кај ќерките. Наместо да ја потиснуваат независноста, татковците треба да го поттикнуваат тој аспект од развојот на нивните ќерки, велат истражувачите.
Фразата како „Немам време за тоа“ може да биде многу штетна. Кога татковците оставаат впечаток дека потребите на нивните ќерки се помалку важни, тие може да се почувствуваат запоставено и неважно. Ова често води до отуѓување во текот на подоцнежниот живот. Според истражувањето на „Pew Research Center“ мајките се тие кои почесто даваат емоционална поддршка и учествуваат во животот на своите деца во споредба со татковците.
Меѓутоа, времето и вниманието што татковците им го посветуваат на своите ќерки играат клучна улога во развивањето на нивното чувство за сопствена вредност.
Така што, татковците имаат значително влијание врз развојот на нивните ќерки, од нивната самодоверба до нивниот успех во животот. Претходно споменатите фрази можат сериозно да ја нарушат емоционалната поврзаност. Наместо таквите фрази, татковците треба да негуваат отворена комуникација, да нудат поддршка и да ја охрабруваат независноста за да обезбедат близок и здрав однос со нивните ќерки во иднина.