Ѓоковиќ: „Хрватска, БиХ, Словенија, Црна Гора, настрадаа и повеќе од Србија

Точка

19/10/2024

18:03

3.880

Големина на фонт

а а а

Новак Ѓоковиќ (37) даде интервју за аргентинскиот „La Nacion“, во кое, меѓу другото, зборуваше и за военото минато на Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. „Србија е многу стара нација, тоа мораме да го разјасниме прво затоа што имаме многу богата историја и традиција. Многу страдавме во поновата историја, во последните сто години. Првата и Втората светска војна и особено сега, во последните 30 години, но не само ние туку и Хрватска и БиХ“, вели Ѓоковиќ.


„За жал, Југославија се распадна во деведесеттите, а јас сум роден во 1987 година, како Меси, па не се сеќавам баш каква беше таа земја бидејќи бев многу млад. Се сеќавам на вториот дел од деведесеттите, нашата земја беше под санкции и ембарго, што значи дека не можевме ништо да извезуваме или увезуваме. Се сеќавам дека стоев во ред во 5 сабајле со дедо ми за леб за да се прехрани целото семејство“.


Живеевме сите заедно во мал стан бидејќи немавме друг избор, тие ситуации станаа дел од мојот карактер, она што сум денес како личност. Тоа ми ја зајакна волјата да успеам и да направам нешто во животот. Имав неверојатна поддршка од моите родители, кои вложија сè во мене до последното евро“, раскажа Ѓоковиќ.

„Јас бев мало момче кое го одбра спортот на богатите“

„Беше тешко да растеш во такви услови, преживувавме неволји, а јас бев мало момче кое одбра спорт за богатите, скап спорт за наши околности, бидејќи Србија не е богата земја. Ние сме земја на успешни спортисти, многу успешни кошаркарски клубови, со многу богата традиција, паметам дури и прекрасни натпревари против Аргентина на Светското првенство и Олимписките игри.


Тенисот немаше голема традиција додека не дојде мојата генерација, а потоа одеднаш неколку години ги имавме најдобрите на светот: Ана Ивановиќ, Јелена Јанковиќ, Ненад Зимоњиќ и мене. Сите сме биле број 1 во одреден момент, сите се прашуваа како тоа може да се случи без воспоставен систем.

Имаме тениски терени, имаме клубови и некоја традиција, но многу сме далеку од француската федерација, од Американците, Англичаните и другите земји“, додаде освојувачот на 99 титули, од кои рекордни 24 на Гренд слем турнирите, којшто многумина го сметаат за еден од најдобрите дури и најдобриот тенисер на сите времиња.

„Кога гледам како страдаат деца, срцето ми се крши“

Тој изјави дека неговите и другите деца го прават чувствителен. „Кога гледам како страдаат децата, срцето ми се кине, како да паѓам во депресија. Децата се најчистите суштества на светот и тие го заслужуваат најдоброто, тие ја заслужуваат иднината. Кога гледам војни и сè што се случува … Јас ја преживеав војната, мојот град беше бомбардиран дење и ноќе два и пол месеци и гледав мртви луѓе.


Дури и сега не разбирам кога ги гледам војни во другите делови од светот. Верувам дека знам зошто се случува ова, за жал, тоа се политички прашања, но тоа ме растажува. Ако не оставиме подобар свет за идните генерации, тоа ќе значи дека не сме ја направиле вистинската работа.

Со мојата фондација сакаме да создадеме подобро општество, да имаме подобро образование, а поради глобалната неправда се чувствувам многу ранлив“, вели Ѓоковиќ и истакна дека природата има големо значење во неговиот живот.

„Го повторувам тоа, бидејќи знам дека тоа што го зборувам ќе се слушне и во Хрватска, Босна, Македонија, Словенија и Црна Гора“

На новинарско прашање, тој потврди дека тенисот го спасил. „Тенисот ми даде можност за подобар живот и да се извлечам од проблемите кои ги имавме во Србија, особено на крајот на деведесеттите. Ги спомнав бомбардирањата. Дали знаевте дека Белград е европскиот град кој е уништен и обновен најмногу пати?


Овој град има неверојатна издржливост и дух. Го наоѓам тој дух во себе. Тешкотиите низ кои поминавме моето семејство, мојот народ и јас. Го повторувам затоа што знам дека тоа што го кажувам го слушаат и во Хрватска, во Босна, во Македонија, во Словенија, во Црна Гора. Секогаш ќе го споменувам затоа што и тие страдаа во поновата историја и во војните, дури и повеќе од Србија.

Така што ја разбирам болката и маката. За жал, раните на војната сè уште се отворени и сè уште има тензии, но преку спортот и филантропијата се отвора една пукнатина, простор за луѓето да се зближат, да имаат повеќе разбирање и да си простат.


Тоа е пораката која секогаш се обидувам да ја пренесам. Тие искуства од деведесеттите се секогаш со мене, не минуваат, но продолжувам понатаму. „Не мразам никого поради тоа што се случи и никогаш нема да го заборавам, но сепак можев да простам и среќен сум поради тоа“, додаде Ѓоковиќ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг