Новите опции на "Shorts" треба да го подобрат искуството на корисниците за користење на оваа платформа.
"YouTube" ги претстави "Shorts" како одговор на "TikTok", а оваа форма на кратки видеа се покажа како огромен хит и брзо стана исклучително популарна меѓу корисниците. Големиот успех на "Shorts" дури се покажа проблематичен за "YouTube", чиј бизнис модел се заснова на подолги видеа за време на кои на гледачите им се прикажуваат реклами и од кои компанијата заработува пари, додека пократките видеа значат помалку реклами и помал профит.
И покрај ова, сите на "YouTube" се свесни за заканата што им ја претставува "TikTok" и бараат нови начини да ги привлечат корисниците кон "Shorts". Неделава најавија нови опции кои одат во таа насока, а најважна иновација е можноста за прикачување на подолги видеа. "YouTube" посебно нагласува дека корисниците долго време барале од нив да го зголемат лимитот за максимална должина на кратки видеа, а сега си ја исполниле желбата. Тие ќе можат да прикачуваат видеа до 3 минути на "Shorts", а иако на "TikTok" сè уште може да се снимаат подолги видеа (до десет минути), ова зголемување веројатно ќе ги задоволи љубителите на платформата на "Google" за кратки видеа. Оваа опција ќе биде достапна од средината на октомври.
Друга новина што доаѓа на оваа платформа за кратки видеа е надградбата на "Shorts" плеерот и користењето шаблони. Благодарение на оваа опција, креаторите ќе можат да го користат форматот на другите "Shorts", што е слично на опцијата на "TikTok" која ви овозможува да користите однапред дефинирани стилови на видео, а потоа да ги приспособите вашите видеа по ваш вкус. Оваа нова функција на "Shorts" ќе биде достапна преку копчето „ремикс“ на видеата. Исто така, на мобилните уреди е додадена страница со "трендинг" видеа за да им помогне на корисниците да пронајдат вирална содржина, односно кратки видеа кои би можеле да ги најдат поинтересни. "Tech Crunch" вели дека на корисниците ќе им се прикажуваат видеа во тренд само во нивните земји.
Со оглед на тоа што некои корисници на "YouTube" ги сакаат класичните "YT" видеа и не гледаат често "Shorts", се воведува нова опција, која на корисниците ќе им прикажува помалку "Shorts" видеа на главниот извор. Интересно, од "Youtube" велат дека периодот на намалено прикажување на "Shorts" ќе биде привремен, но не кажаа што значи тоа конкретно, односно за кој временски период се однесува.
За потсетување, минатиот месец "YouTube" објави дека корисниците на "Shorts" ќе можат да го користат моделот со вештачка интелигенција на "DeepMind", "Veo", преку кој ќе можат да објавуваат кратки видеа со вештачка интелигенција и ќе можат да ги менуваат позадините на нивните видеа. Оваа надградба на "Shorts" доаѓа подоцна оваа година.