Нивото на морето пораснало 11 центиметри за три децении: Дали шест големи градови ќе исчезнат под вода?

Точка

26/09/2026

20:04

482

Големина на фонт

а а а

Глобалното просечно ниво на морето се зголемило за околу 11 центиметри од почетокот на сателитските мерења во 1993 година, со што ниските крајбрежни градови станале поранливи на овие ризици, покажа најновата студија, пренесува Ал Џезира.

На листата на загрозени градови се наоѓаат шест големи градови ширум светот, и тоа се Александрија во Египет, кој се наоѓа на Средоземното Море, Џакарта во Индонезија, на брегот на Јаванското Море, потоа Шангај на Источното Кинеско Море, Мумбај во Индија на Арапското Море, како и Мајами на Атлантскиот Океан и Бангкок во Тајландскиот Залив.

Анализата на податоците за морскиот простор, што ја објавила европската опсерваторија „Коперник“ и на кои се заснова студијата на Ал Џезира, покажала дека просечното ниво на Средоземното Море кај Александрија во 2025 година било за околу 17 центиметри повисоко во однос на 1993 година, додека нивото на Јаванското Море кај Џакарта се зголемило за околу 18 центиметри.


Неколкуте центиметри, колку што покажуваат податоците за морето, не смеат да се потценат, бидејќи студијата предупредува дека тоа би можело да се претвори во хоризонтално поместување од неколку метри, што се заканува со исчезнување на цели големи крајбрежни градови, особено имајќи предвид дека стапката на годишниот пораст на нивото на морето се удвоила во текот на последната деценија во однос на крајот на деведесеттите години од минатиот век.

Теоретски, порастот на нивото на морето од еден центиметар е еквивалентен на поместување на линијата на нивото на водата кон копното за околу 10 метри на многу рамни брегови, се наведува во анализата на податоците.

Во практика, сепак, тоа не значи дека плажата навистина ќе се повлече за 10 метри, бидејќи врз вистинската крајбрежна линија влијаат и природни и човечки фактори, како што се брановите, ерозијата, таложењето седименти, морските насипи, бурите и самата природа на плажата.


Опасноста за крајбрежјето, сепак, не доаѓа само од порастот на нивото на морето, бидејќи во некои градови доаѓа и до слегнување на самото земјиште.

Конкретно во Џакарта, слегнувањето на земјиштето го засилува ефектот од порастот на нивото на морето, поради што нивото на водата во градот се зголемува побрзо отколку што сателитите можат да регистрираат со мерење исклучиво на површината на океанот.

Од друга страна, студијата открива парадокс кој претставува појава целосно спротивна на онаа во отворените океани и мориња.

Додека глобалното затоплување, термичкото ширење и топењето на ледените покривки на Гренланд и Антарктикот доведуваат до пораст на нивото на водата во отворените мориња и океани, во затворените водни басени тие предизвикуваат зголемено испарување и промени во количината на врнежите и речниот истек, со што се нарушува водниот биланс.


Тоа е јасно видливо на примерот со Каспиското Море, најголемата затворена водна површина во светот, која од година во година се намалува.

Според податоците од хидролошкото следење на Техничкиот универзитет во Минхен, нивото на Каспиското Море се намалило за околу два и пол метри во периодот од 1993 до 2025 година.

Сателитските снимки јасно го прикажуваат повлекувањето на водата во северните и источните делови, каде што водите се многу плитки.

Во извештајот, кој се повикува на проценките на Светската банка, се предупредува дека порастот на нивото на морето од само половина метар, доколку е проследен со слегнување на земјиштето, би можел да доведе до трајно поплавување на густо населените станбени подрачја.