Овој човек е толку вреден за "Google" што платиле дури 2,7 милијарди долари за да го вратат во компанијата

Точка

30/09/2024

14:01

7.146

Големина на фонт

а а а

Битката за талентите за вештачка интелигенција е немилосрдна, а компаниите се подготвени да потрошат големи суми за најдобрите.

Ноам Шазир се вработил во "Google" во 2000 година и во компанијата поминал повеќе од две децении, пред да го повлече сидрото во 2021 година и да се впушти во сопствената стартап авантура. Ја основал компанијата "Character. AI", која овозможува интеракција со чет-ботови кои играат замислени ликови или познати и јавни личности.

Тој го напуштил "Google" затоа што компанијата одбила јавно да го објави неговиот чет-бот за вештачка интелигенција "Meena", наведувајќи загриженост за безбедноста. За тоа не се грижел тимот од "OpenAI", кој го објави "ChatGPT" една година подоцна, а оттогаш "Google", колку и да се трудеше, и иако правеше големи грешки, постојано е чекор зад конкуренцијата. За да ја стигнат конкуренцијата, тие решиле да тропнат на вратата на "Character. AI" и да го вратат Шазир, кој според многумина е еден од клучните луѓе во раниот развој на вештачката интелигенција на "Google", а најдобро може да се види што мисли тој за својата улога на неговиот профил на "LinkedIn", каде се наведува дека токму тој измислил најголемиот дел од актуелната револуција во големите јазични модели.


За да го врати во својот двор, "Google" мораше да копа длабоко во своите каси, а таа цена е неверојатни 2,7 милијарди долари. Секако, таа бројка не се однесува само на Шазир, туку Google ја плати и за лиценцирање на технологијата на "Character.AI", но како што нагласуваат експертите кои се добро запознаени со ситуацијата, примарната причина поради која "Google" одлучил да плати толку голема сума е само враќањето на Шазир. Како дел од договорот кој беше потпишан претходно, а сега ги дознавме неговите детали, Шазир и уште неколку вработени во "Character.AI" се приклучија на одделот за развој на вештачка интелигенција на "Google DeepMind".

Иако на сите им е јасно дека е голем експерт во оваа област, прашање е дали тој навистина е 20 пати повреден од другите луѓе и експерти, прашува "Wall Street Journal". Од друга страна, парите платени за тоа покажуваат колку технолошките компании денес ги ценат експертите за вештачка интелигенција и дека не избираат средства за да добијат потенцијална предност во однос на конкуренцијата во трката за вештачка интелигенција.


Треба да се нагласи дека "Google" не ја купи неговата компанија, туку ја лиценцираше нивната технологија, што им овозможува моментален пристап до нивната интелектуална сопственост, со што се избегнува потенцијално долгиот процес на стекнување, вклучувајќи бирократски процедури и регулаторни одобренија.

А колку "Google" го почитува и цени овој експерт, покрај тоа што платиле толку пари за да го вратат во компанијата, покажува и изјавата на поранешниот извршен директор на компанијата. Во средината на минатата деценија, Ерик Шмит рече дека ако постои личност која може да направи модел со вештачка интелигенција што би можел да одговара на човечката интелигенција, тоа би било Шазир.




Спонзорирани линкови

Маркетинг