Научниците, врз основа на фосили пронајдени во Мароко, дигитално го реконструирале лицето на човек кој живеел пред околу 315.000 години, еден од најраните познати припадници на видот Хомо сапиенс.
Реконструкцијата е направена врз основа на остатоци од Џебел Ирхуд, археолошки локалитет каде што првиот череп бил пронајден уште на почетокот на шеесеттите години од минатиот век. Првично се верувало дека му припаѓал на африкански неандерталец стар околу 40.000 години, но подоцнежните истражувања целосно ја промениле таа проценка.

Студиите објавени во 2017 година покажале дека фосилите се стари околу 315.000 години и дека им припаѓаат на раните претставници на Хомо сапиенс.
Лицето препознатливо, черепот поинаков
Бидејќи не бил пронајден целосен череп од една личност, експертите споиле делови од посмртните остатоци на неколку луѓе од истиот археолошки локалитет. Поголемиот дел од горниот дел на черепот и лицето потекнуваат од фосилот познат како Ирхуд 1, додека вилицата и забите биле реконструирани врз основа на други остатоци.
Потоа, со помош на 3Д моделирање и податоци за дебелината на ткивата кај современите луѓе, процениле како би можело да изгледа лицето.
Резултатот прикажува човек кој на прв поглед не би се разликувал драстично од денешните луѓе, но имал погруби црти на лицето и поизразена вилица.

„Поединецот од Џебел Ирхуд веројатно би поминал незабележано во толпа луѓе, но повнимателен поглед би открил нешто што го издвојува, пред сè, грубите црти на лицето и истурената вилица“, изјавил 3Д дизајнерот Сисеро Мораес.
Научниците нагласуваат дека бојата на кожата, косата и брадата не може да се утврдат врз основа на фосилите, па затоа овие детали на реконструкцијата во боја претставуваат уметничка интерпретација.
Истражувањето, објавено во научното списание „Heritage“ (Херитиџ), дополнително покажува дека карактеристиките својствени за современиот човек се развивале постепено – лицето веќе било релативно слично на денешното, додека обликот на черепот сè уште имал архаични карактеристики.








