Се започнало со топењето на глечерите, што предизвикало огромен одрон на Гренланд во септември минатата година, предизвикувајќи мегацунами од околу 200 метри. Тогаш се случи нешто необјасниво – нашата планета 9 дена ја тресеше мистериозна вибрација.
Десетици научници ширум светот се обидоа да откријат што точно се случило минатата година. Сега излегоа со одговор и предупредуваат дека Арктикот навлегува во „неистражени води“ поради климатските промени.
Кога сеизмолозите почнаа да снимаат необични и долготрајни вибрации минатиот септември, помислија дека можеби станува збор за дефект на инструментите. „Всушност, не беше богат оркестар со високи ноти и татнеж што може да го очекувате од земјотрес, туку повеќе монотоно брмчење“, изјави за "CNN" сеизмологот Стивен Хикс од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
„Сигналите за земјотресот траат неколку минути, а овој траеше девет дена. Бевме збунети, никогаш досега не сме виделе такво нешто“, додаде тој. Сеизмолозите го следеле сигналот до Источен Гренланд, но не можеле да ја утврдат точната локација на изворот. Затоа тие контактирале со колегите во Данска, кои добиле извештаи за цунами по лизгање на земјиштето во регионот на фјордот Диксон.
После тоа, имало едногодишна соработка помеѓу 68 научници од 15 земји, кои за да ја решат загатката детално ги анализираа сите можни сеизмички и сателитски податоци, како и симулации на бранови од цунами.
„Постои таканаречена каскадна опасност и се започна со климатските промени предизвикани од човекот“, изјави данскиот сеизмолог Кристијан Свенневиг. Во подножјето на огромна планина која се издига на 1.200 метри над фјордот Диксон, се наоѓа глечер кој полека се топи со години.
Како што глечерот се намалувал, планината станувала сè понестабилна, пред да се урне на 16 септември минатата година. Во тој процес, доволно камења и отпад паднале во водата за да наполнат 10.000 олимписки базени.
Следеше мегацунами, едно од најголемите во поновата историја, и предизвика бран кој остана заробен во тесниот фјорд повеќе од една недела, прскајќи напред-назад на секои 90 секунди. Притоа, вибрациите се почувствуваа низ целата планета. Сигналот патувал од Гренланд до Антарктикот за околу еден час.
Феноменот сеише "seiche" се однесува на ритмичкото движење на бранот во затворен простор, како кога водата се движи напред-назад во када или чаша. Иако веќе знаевме за овој феномен, научниците не знаеја дека може да трае толку долго. „Да реков пред една година дека сеише може да трае девет дена, моите колеги ќе одмавнеа со главите и ќе речеа дека тоа е невозможно“, вели Свенневиг.
За среќа, никој не беше повреден за време на мегацунамито, иако уништи вековно културно наследство и оштети празна воена база. Но, ова е област на рутата на бродови за крстарење и доколку некој од нив бил таму во моментот на цунамито, ќе имало катастрофални последици.
„Источен Гренланд никогаш досега немал свлечишта и цунами како ова“, рече Свенневиг. Како што Арктикот се загрева, мегацунамија може да се појавуваат почесто. Во јуни 2017 година, четири лица ги загубија животите во цунамито на северозападниот дел на Гренланд.
„Природните феномени почнуваат да бидат невообичаени, што укажува на тоа како се менува светот. Ова е знак дека климатските промени ги туркаат природните системи во непознати води“, рече Свенневиг.