[ФОТО/ВИДЕО] Месечината се оддалечува од Земјата, а еден астронаут открива што ќе ни се случи ако се оддалечи предалеку: „Пред тоа, Сонцето ќе ги исуши океаните, а потоа...“

Точка

17/09/2025

17:24

555

Големина на фонт

а а а

Месечината секоја година се оддалечува од Земјата за околу 3,8 сантиметри.

Научниците ја мерат далечината до Месечината така што ја одбиваат ласерската светлина од огледала што ги поставиле астронаути и вселенски сонди на нејзината површина. Со мерење на времето потребно светлината да стигне до Месечината и да се врати назад, може исклучително прецизно да се одреди растојанието и неговите промени.

Промени во оддалеченоста на Месечината

Далечината до Месечината се менува и во текот на месецот, бидејќи нејзината орбита не е совршен круг. Просечната далечина е околу 385.000 километри, но варира за околу 20.000 км. Затоа некои „полни Месечини“ изгледаат поголеми од другите, тоа се таканаречени супермесечини.

„Како истражувач во астрофизиката, ме интересира движењето и меѓусебното влијание на планетите, ѕвездите и галаксиите. Следењето како Месечината и Земјата се движат низ милијарди години помага на научниците подобро да го азберат нивното минато и развојот од создавањето пред 4,5 милијарди години“, вели астронаутот Стивен Дикерби за „ScienceAlert“.

Плимите и осеките

Зошто Месечината се оддалечува? Причината се плимите и осеките.

Гравитацијата на Месечината е околу 4% посилна на страната на Земјата која е свртена кон неа отколку на спротивната страна. Тоа создава разлика во гравитационата сила, односно плимни сили, кои ги поместуваат океаните и создаваат две испапчености на водата – едно кон Месечината и едно спротивно од неа.


Како што Земјата се врти, тие водени испапчувања се движат и „ја следат“ Месечината. На пример, во Њујорк или Лос Анџелес нивото на морето може да варира и до 1,5 метри поради овие плимни бранови.

Овие испапчености не ја следат Месечината совршено, туку малку „пред“ нејзината позиција, бидејќи Земјата се врти побрзо отколку што Месечината кружи. Тие испапчености со својата гравитација делуваат и на Месечината, туркајќи ја малку напред во нејзината орбита. Со тоа се зголемува нејзината брзина, а со тоа и радиусот на орбитата. Резултатот е дека Месечината постепено се оддалечува.


Последици за Земјата

Како Месечината добива на орбитален момент, Земјата губи дел од својот ротационен момент. Со други зборови, Земјата малку забавува, па деновите стануваат за нијанса подолги. Но, ефектот е минимален – оддалечувањето од 3,8 см годишно во споредба со вкупната далечина од 384.000 км претставува само 0,00000001% годишно. За нас тоа значи дека плимите, затемнувањата и деновите од 24 часа ќе постојат уште милиони години.

Месечината во минатото

Месечината некогаш била многу поблиску. Научниците сметаат дека настанала откако младата Земја ја удрил протопланет со големина на Марс, издигнувајќи материјал што се собирал и формирал Месечина. Тогаш таа би изгледала огромна на небото.

Анализата на фосилни школки покажала дека пред 70 милиони години, пред крајот на добата на диносаурусите, деновите траеле околу 23,5 часа – токму онака како што предвидуваат астрономските модели.

Иднината на Месечината

Дали Месечината ќе продолжи да се оддалечува засекогаш?

Теоретски, за десетици милијарди години Земјата би можела да ја забави ротацијата до точка кога ќе биде „плимно заклучена“ со Месечината, односно кога би се вртела точно толку долго колку што Месечината ѝ треба да ја обиколи. Тогаш би престанало нејзиното оддалечување.

Но, до тоа никогаш нема да дојде – за околу милијарда години Сонцето ќе стане посилно и ќе ги испари океаните, па нема да има плимни бранови кои ја туркаат Месечината. Неколку милијарди години подоцна, Сонцето ќе се прошири во црвен џин и веројатно ќе ја уништи и Земјата и Месечината.

До тогаш, можеме да уживаме во плимите, затемнувањата и во нашата прекрасна Месечина на вечерното небо.