[ВИДЕО/ФОТО] Катерина Спасовска е професорка по македонски јазик која работи како обезбедување во Малта

Точка

24/07/2024

10:59

73.643

Големина на фонт

а а а

Катерина Спасовска од Скопје е дипломирана професорка по македонски јазик, а веќе пет години живее и работи во Малта како обезбедување. Таа е една од оние 2500-тини висококвалификува работна сила, кои годишно ја напуштаат земјава. Отфрлањето од институциите и неможноста да најде работа соодветна на образованието ја принудиле среќата да ја побара во оваа топла земја, со љубезен народ и пристојни услови за работа.

Која беше причината да ја напуштиш Македонија и да се преселиш во Малта?

- Блокадата и отфрлањето од институциите, неможноста да најдам работа по струка веднаш по завршувањето на Филолошкиот факултет допринесе пред пет години да ја напуштам родната земја, пријателите и семејството. Ни ги затвораа вратите пред нос, не ни даваа прилика да работиме, а со тоа да се усовршиме и да се надградуваме. Заминав со големи очекувања и храброст, на мал остров, сама. Претходно познавав неколку луѓе кои ми помогнаа на почетокот околу сместувањето и наоѓањето работа. Токму ова го имав во Малта, работодавци кои ти нудат прилика да се докажеш, научиш и работиш.


Кои беа првите промени на кои требаше да се навикнеш, што е за нив вообичаено, а за нас чудно однесување?

- Да бидам искрена, сакам топли места, море, лето. Она што најмногу ме изненади подготвеноста на луѓето да помогнат во различни ситуации. Наутро кога одев на работа постарата генерација Малтежани кои не ги познавав ме поздравуваа со таква љубезност. Тоа на почетокот ми беше чудно, но потоа се навикнав и почнав да возвраќам, постепено тоа ми создаде поинаков поглед на многу работи. Таков е менталитетот тука, тие се послободни во изразувањето, однесувањето би рекла место на игри без граници во позитивна смисла.

Луѓето на Малта си ја гледаат својата работа, тие не се мешаат во туѓи животи. Ако одлучите да шетате по пижами на плажа, никој нема да се сврти, ниту да дофрли невкусен коментар.

Малтежаните се мошне дисциплиниран народ. Паметам за време на короната кога ги засилија мерките иако не беа некои престроги како во Македонија, ги почитуваа. Тие како народ можат да се држат заедно, но сепак постојат поделени мислења за ова.


Зошто е атрактивна Малта за младите од Македонија и дали се уште?

- Малта е топла и слободна земја, атрактивна по ноќниот живот, брзото темпо на живеење и за некои поради лесна заработувачка. Речиси секојдневно по неколку прашуваат како да дојдат во Малта, да се стабилизираат, да работат. Она што морам да го кажам е дека Малта не е за слаби луѓе, овде се работи од утро до мрак, во слободни денови се ужива. Првата година е најтешка, а потоа е полесно. Некои сакаат да работат и да се забавуваа тие две работи не одат заедно. Ако сакаш живот на Малта мораш да работиш, едноставно.

Колку Македонци има отприлика на Малта?

- Македонската популација е најраспространета во Буџиба, во северниот дел на Малта.

Има и во други градови, се разбира. Точна бројка не знам, но знам дека вкупната популација на Малта оваа година е 536,740.


Колку е просечната плата во твојата професија, а колку се основните месечни трошоци?

- Платите во Малта варираат, зависи од позицијата и професијата. Не можам да кажам точна цифра, приближно 1300 евра, што според мене е доволно за некој кој живее сам.

Кириите после короната прилично се зголемија. Во централниот дел на Малта се енормно високи, додека во северниот и јужниот дел можат да се најдат соодветни и разумни цени на соби и станови. Живеам во јужниот дел така што, плаќам 330 евра, плус сметки кои ги делиме на тројца. Станот ги исполнува сите нормални услови за живот, плажата и морето се блиску, јавниот превоз исто така. Секојдневните трошоци зависат од самиот поединец, владата на Малта често ни овозможува одредени бенефити. За сега, се уште важи бенефитот за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти во големите маркети. Јавниот превоз е бесплатен за сите резиденти во Малта, додека за туристи се наплаќа.

Какви се условите за работниците кои доаѓаат однадвор?

- Ако станува збор за односи меѓу работодавец-работник лично за себе во фирмата за која работам не можам да се пожалам. Секогаш се труделе да ми излезат во пресрет, да ни биде флексибилно и да ни создадат работна атмосфера. Како личност со посебни потреби ( носам слушни апаратчиња на двете уши ) оваа фирма во која работам 5 години ме прифати и ми даде шанса да се докажам, важам за личност што најдобро ја извршува работата. Не е воопшто лесно да се работи како обезбедување, бидејќи секојдневно се среќаваме со различни карактери на луѓе, но на крајот јас успеав да докажам дека нема потреба од предрасуди и пречки, ни недостасува само храброст. Оваа професија е за стабилни линости со цврсти карактери, бидејќи не смее да се применува физичка сила без оглед колку и да си испровоциран, бара сериозност и љубезност, почитување на униформата која ја носиме. Условите на работа мора да ги исполнуваат сите законски регулативи, се обработуваат 40 часа неделно, 170 часови месечно и сѐ што е над тоа е overtime и е платено. Секако тоа не зависи од местото на живеење, но ако е предалеку тогаш се наоѓа некоја алтернатива.

Првите две години работев во igaming компанија во Пиета (Pieta), тоа е многу добра реномирана компанија за онлајн игри, зградата ја обезбедувавме ние. Тоа беше моето прво работно место и тука ги поминував сите добри и лоши моменти. Потоа ме префрлија (на моја иницијатива) на друго место каде сега работам сама.


Има ли несекојневни случки кои ти останале во сеќавање поврзани со работата?

- Најдобри моменти ми биле кога секогаш сум се трудела да помогнам во било каква ситуација. Еднаш се заглави лифтот во зградата и се трудевме со менаџерот да го пуштиме, ни требаше еден час, но интересно е што никој од нас не покажа паника ниту обвинување, напротив пријателски соработувавме како тим. Таму секогаш е најважно тимски да се работи. Мотото на мојата фирма за која работам е “Ние сме тим, ние сме фамилија треба да си помагаме во добро и зло”.


Кое е местото каде наоѓаш мир таму, далеку од дома?

- Го нарекувам место за терапија - Silent city Mdina огромната тврдина каде што се уште живеат луѓе, мали и тесни улички лавиринт низ кој те води кон непознатото. Самата тишина ми дава чувство на мир, кој на крајот од лавиринтот нуди бесконечен поглед на одредени градови. Кочиите и недопреното богатство нудат чувство на враќање години наназад во историјата на Малта. Секогаш кога одам таму преферирам да се изгубам низ улиците со по еден фенер. Автентичната Емдина градот во кој се снимаше Игри на Тронови.


Ти недостасува ли тоа што не го работиш она за што си се образувала?

- Би останала неутрална при одговор на ова прашање бидејќи не ми било понудено шанса да поработам по струка, доколку ја имав таа можност тогаш одговорот би бил да.

Би се вратила ли во родната земја и под кои услови?

- Не верувам дека Македонија може да ми го овозможи она што си го овозможив за сето ова време. Финансиска стабилност и можност да го пропатувам светот, да си ги исполнам сите желби и соништа, да научам и истражам повеќе можности.


Како професорка по македонски јазик имаш ли доволно време за читање сега и која книга би им ја препорачала на читателите на Точка?

- Редовно читам книги, за време на викендите кога немам зголемен обем на работа го правам тоа, понекогаш и дома. Најчесто уживам покрај море, или во кафе бар. Ги сакам трилерите на Фицек како фанатик на крими филмови, романтичните драми на Колин Хувер. Би дала препорака за “Прекрасната самотија” една од поубавите книги што ги имам прочитано од Кристин Хана.




Спонзорирани линкови

Маркетинг