Интервју со Илија Петковски од ТУТУ Центар за благосостојба на миленици: Изборот на професионален грумер кој работи според европски стандарди значи многу повеќе од естетски третман

Точка

05/02/2026

12:00

299

Големина на фонт

а а а

Македонската груминг индустрија испиша ново поглавје со официјалното членство на Македонската асоцијација на стилисти за миленици во European Grooming Association. Овој чекор ѝ овозможи на земјата пристап до највисоките европски стандарди, техники и професионални практики во негата на милениците.

Членството претставува редок и значаен успех во регионален контекст и ја позиционира Македонија како рамноправен дел од европската груминг сцена. За значењето на овој исчекор и неговото влијание врз професијата и благосостојбата на милениците, како и за самата асоцијација и професијата грумер, разговараме со Илија Петковски, магистер по екологија и животна средина - Сорбона Париз и сопственик на ТУТУ Скопје - Центар за благосостојба и груминг на миленици.

❓ Каква беше состојбата на груминг сцената во Македонија пред формирањето на Македонската асоцијација на стилисти за миленици и зошто се појави потребата од ваква организација?

✨ Пред формирањето на асоцијацијата, младата груминг сцена во Македонија беше фрагментирана и во голема мера нерегулирана. Не постоеше стандард на занимање, ниту јасно дефинирани протоколи за хигиена, безбедност и професионална етика. Квалитетот на услугите значително варираше, без унифицирани стандарди, без континуирана едукација и без институционална поддршка.

Нашиот Центар за груминг и благосостојба на миленици, Туту, беше само еден дел од тој мозаик, но уште од почетокот инсистиравме на целосна транспарентност во работата – со можност за присуство на сопственикот и видео-надзор на целиот третман. Тоа беше свесен обид да се изгради доверба и да се постави поинаков однос кон миленикот и сопственикот.


Стандардите што ги донесовме од Париз и од Токио не ги гледавме како наша предност, туку како одговорност да ги споделиме. Токму затоа се појави потребата од асоцијација – за воспоставување јасни правила, етика и професионални стандарди, но и за заштита на милениците, сопствениците и самите грумери како професија. Денес, околу 50% од активните грумери во Македонија се обучени преку нашата Академија, што јасно говори за потребата од структуриран и одржлив развој на оваа дејност.

Особено важно е што девијантните појави во струката, како седирање или насилство врз кучиња, престанаа да бидат табу тема и денес се јавно осудени и крајно маргинализирани практики, за разлика од минатото. Паралелно со тоа, добрите практики на одговорно сопствеништво станаа неопходен и неизоставен дел од јавниот дискурс.

❓ Како дојде до иницијативата за основање на асоцијацијата и која е нејзината основна мисија денес?

✨ Иницијативата дојде од самите професионалци на терен, од една активна и амбициозна груминг заедница која е млада по стаж, но не и по зрелост. Поголемиот дел од овие луѓе се академски образувани, не сите се млади по години, голем дел од нив се нови во грумингот како резултат на професионална конверзија. Доаѓаат од различни струки – банкарство, сметководство, менаџмент во трговија и услуги, организација на настани, инженерство, па дури и ветеринарна медицина – и токму таа разновидност носи дисциплина, системски пристап и висока професионална одговорност.


Иако грумингот како дејност е релативно млад кај нас, овие професионалци се современо опремени, интензивно обучени и директно поврзани со европски и светски практики. Наместо да чекаат некој друг да ги дефинира правилата, тие одлучија самите да ја преземат одговорноста и да постават јасни стандарди – етички, стручни и транспарентни.

Целта не беше исклучување, туку создавање рамка во која грумингот се препознава како здравствено-превентивна, а не само естетска дејност. Денес, мисијата на асоцијацијата е едукација, вмрежување и градење култура на одговорност, со јасен фокус на благосостојбата на милениците и довербата на сопствениците.

❓ Колку членови денес брои Македонската асоцијација на стилисти за миленици и што кажува тој број за развојот на оваа професија кај нас?

✨ Кога Центарот за груминг и благосостојба на миленици, Туту, прв пат ја иницираше идејата за формирање национална асоцијација пред приближно пет години, во Македонија постоеја едвај десетина груминг салони кои опстојуваа исклучиво од оваа дејност. Грумингот тогаш беше маргинална и несигурна професија, често третирана како дополнителна активност.

Денес, Македонската асоцијација на стилисти за миленици брои стабилно јадро од над 20 активни членови од целата држава, со континуирани најави за нови приклучувања. Вкупно, во Македонија постојат околу 40тина професионалци кои сериозно ја извршуваат оваа дејност.


Овој сооднос јасно покажува дека асоцијацијата обединува значаен дел од активната професионална сцена и дека грумингот кај нас преминува од индивидуална пракса во структурирана и препознатлива професија со јасна насока за развој.

❓ Официјалното членство во European Grooming Association (EGA) е реткост во регионот. Колку е значајно ова признание за Македонија и за домашната груминг индустрија?

✨ Официјалното членство во European Grooming Association е исклучително значајно, бидејќи станува збор за реткост не само во регионот, туку и пошироко. За Македонија, тоа е признание дека и како мала земја можеме да изградиме професионална сцена која ги исполнува највисоките европски стандарди. Ова членство ја става македонската груминг индустрија на европската мапа и испраќа јасна порака дека квалитетот, етиката и благосостојбата на милениците се наш приоритет.


Држави со подолга традиција во груминг професијата често не успеваат таму каде што ние успеваме – а причината е првиот квалитет: слога, тимска работа, заедничка цел и позитивен дух. Токму тоа ја прави македонската груминг сцена уникатна и нè прави горди претставници на Македонија во тоа елитно друштво во кое сме единствени од просторите на поранешна Југославија.

За домашната индустрија, членството во EGA значи легитимитет, пристап до современи знаења, обуки и професионални мрежи, но и обврска постојано да се одржува и унапредува нивото на работа. Тоа не е само симболично признание, туку алатка преку која европските стандарди директно се пренесуваат во секојдневната практика кај нас – на корист на милениците, сопствениците и целата професија.

❓ На кој начин европските стандарди, техники и обуки од EGA директно се пренесуваат во секојдневната грижа за милениците кај нас?

✨ Европските стандарди, техники и обуки од EGA се пренесуваат директно во секојдневната грижа преку континуирана едукација и усовршување на грумерите. Ова ја нагласува холистичката филозофија на грумингот како здравствено-превентивна дејност, која бара повеќе од техника – основните цели на самата нега мора да се постават како нераздвоив дел од целиот третман.

Кога се стремиме кон совршен изглед, работиме со куче кое најнапред има одлична генетика, секојдневно е негувано, социјализирано, здраво и без стрес, во оптимална благосостојба. Со други зборови, грумингот не е само естетика, туку интегрален процес кој ги поврзува хигиената, безбедноста, здравјето и доброто расположение на миленикот, а сопствениците добиваат доверба дека нивниот миленик е во стручни и внимателни раце.


❓ Вие често истакнувате дека грумерите не се само стилисти, туку и први здравствени набљудувачи. Што конкретно значи тоа во пракса?

✨ Да, точно, ние сме првите здравствени набљудувачи на милениците. Во пракса, тоа значи дека со својот стручен и системски пристап, базиран на наука и знаење за физиологијата, однесувањето и благосостојбата на животните, грумерите можат да препознаат први знаци на здравствени проблеми. Промени на кожата, уши, нокти, рани, паразити или болка при движење често се забележуваат токму кога сопственикот може и да не ги препознае, како и несоодветно однесување од рана возраст.

Целта е превенција – грумерот делува како прва линија за ран третман и насочување кај ветеринар кога е потребно. Центарот за Груминг и Благосостојба Туту, беше пионер во Македонија, но веќе не е сам, денес сме голема заедница на професионалци кои ги споделуваат истите вредности и стандарди. Заедно го поставуваме грумингот како здравствено-превентивна дејност, а не само естетска, обезбедувајќи сигурност и благосостојба за милениците и доверба за нивните сопственици.

❓ Што значи да се биде грумер во Македонија – кои се најголемите предизвици, но и најголемите задоволства од професијата?

✨ Да се биде грумер во Македонија значи да се работи во професија која е млада, но брзо развивачка секаде каде што постои вистинска страст и посветеност. Најголемите предизвици се недоволната свесност кај дел од сопствениците, нерегулираната конкуренција и потребата постојано да се одржуваат високи стандарди во услови на ограничени ресурси.


Но задоволството од професијата е огромно. Да видите здраво, смирено и негувано животно, да создадете доверба со сопствениците и да знаете дека директно придонесувате за благосостојбата на милениците – тоа е нешто што нема алтернатива. Дополнително, кога професијата се практикува во заедница, како денес со големата мрежа на обучени грумери кои ги делат истите вредности, задоволството и професионалната гордост се уште поголеми.

❓ Каква порака би им испратиле на сопствениците на миленици – зошто е важно да изберат професионален грумер кој работи според европски стандарди?

✨ На сопствениците на миленици би им испратиле јасна порака: изборот на професионален грумер кој работи според европски стандарди значи многу повеќе од естетски третман. Тоа значи дека вашиот миленик ќе биде во раце на стручни професионалци кои практикуваат холистички пристап, следат протокол за хигиена повисок од пропишаниот за ветеринарни амбуланти, и обезбедуваат полна транспарентност преку видеонадзор и можност за присуство на сопственикот.

Професионалниот грумер е достапен за консултации, дел од национална мрежа на експерти и член на заедница со јасни стандарди. Ова гарантира дека миленикот е без стрес, здрав, добро негуван и со оптимална благосостојба, а сопственикот има доверба дека третманот е безбеден, професионален и во согласност со највисоките европски стандарди.