Интервју со Владимир Стефановски, плант менаџер на Киел Македонија: Синергијата меѓу луѓето и машините носи најдобри резултати

Точка

05/02/2026

10:33

117

Големина на фонт

а а а

Во време кога индустријата забрзано се менува под влијание на технологијата и недостигот на кадар, сè појасно станува дека иднината на производството зависи од луѓето исто колку и од машините. За тоа како изгледа оваа трансформација одвнатре разговараме со Владимир Стефановски, плант менаџер во Киел Македонија.

Г-дин Стефановски, Киел работи во високо регулиран и трудо-интензивен индустриски сектор. Како изгледа реалноста на пазарот на труд од перспектива на една производствена компанија денес?

Би почнал од нашата реалност во Киел. Ние сме компанија со околу 170 вработени и работиме во претежно трудо-интензивна дејност. Кај нас процесите сè уште бараат човечки ангажман и знаење. Во светот веќе постојат таканаречени „dark factories“ каде производството оди 24/7 со еден или двајца луѓе, а некаде и без луѓе. Тоа е една крајност. Кај нас тоа не е реалност. Кај нас и понатаму ни требаат луѓе, и тоа обучени луѓе.

Анализите велат дека до 2030 година околу 40% од вештините што денес работниците ги поседуваат ќе треба да се сменат или надградат. Тоа значи дека не можеме само да купиме технологија и да очекуваме таа сама да работи. Технологијата не е „plug and play“. Луѓето треба да се подготват, да се едуцираат.

Затоа кај нас стратегијата почнува од луѓето, па потоа од технологијата. Ние веќе воведовме роботизирани процеси и имаме комплетно автоматизирана фарбара, но сето тоа бара кадар со нови, специфични квалификации. Луѓето и технологијата мора да одат рака под рака.


Киел инвестира во дуално образование, менторство и јасни развојни патеки. Колку е важно компаниите да престанат да „чекаат готов кадар“ и да почнат сами да го градат?

Мислам дека тоа веќе не е избор, туку потреба. Денес е многу тешко да најдете готов, обучен технички кадар на пазарот. Ние тоа го разбравме уште пред неколку години и почнавме да работиме на повеќе фронтови – и за привлекување и за задржување на луѓето.

Еден дел е преку проекти за дигитализација и модернизација. Имаме тимови што работат на автоматизација и воведување нови технологии. Тоа е нешто што ги привлекува младите инженери кои сакаат да работат со современа опрема, со роботи, со нови системи.

Вториот, многу важен сегмент е дуалното образование. Тие млади ученици се со нас четири години. За тоа време ја учат работата, но уште поважно – ја учат културата на компанијата. Кога дел од нив ќе останат да работат кај нас, тие веќе не се „нови“. Тие знаат како функционираме и можат многу побрзо да дадат резултат.

Тоа е инвестиција што на почеток можеби изгледа голема, но на долг рок е многу исплатлива и за компанијата и за младите луѓе.


Што денес ги задржува вработените? Дали платата е сè уште главниот фактор?

Платата е важна, нормално, но веќе не е доволна сама по себе. Особено младите генерации сакаат да видат визија. Сакаат да знаат каде оди компанијата и каде тие можат да се видат себеси во таа приказна.

Ние имаме јасна стратегија каде сакаме да бидеме во следните пет години и таа стратегија ја претвораме во конкретни цели и проекти. Кога луѓето гледаат дека учат нешто ново, дека напредуваат и дека се дел од нешто што се развива, тогаш лојалноста е многу поголема.

Работењето треба да биде win-win и за компанијата и за вработените. Тие да добијат знаење, развој и сигурност, а ние мотивиран и обучен кадар.


Со растечката автоматизација, кои човечки вештини ќе бидат подеднакво важни како техничките во следните години?

Ќе бидам краток – техничките вештини се неопходни, но веќе не се доволни сами по себе. Ние гледаме дека ни недостигаат работи како комуникација, тимска работа и флексибилност.

Иако сме во 21 век и имаме многу алатки за комуникација, во пракса често токму тоа недостасува. Затоа планираме повеќе обуки за soft skills, тимска работа и подобра организациска култура.

Паралелно, секако ќе продолжиме со дигитализација, роботизација и воведување нови технологии. Целта е да имаме баланс – и силни технички знаења и добро развиени човечки вештини.

На крајот, машините, луѓето и знаењето заедно треба да го дадат најдобриот резултат. Ниту технологијата може без луѓе, ниту луѓето без технологија.