Фросина Ангеловска - Фран, мајка и успешна бизнис жена: „Фактот што сум крупна, а љубам да се дотерувам ме прави препознатлива“

Точка

30/01/2026

10:03

1.290

Големина на фонт

а а а

Во светот каде што улогите често се судираат, Фросина Ангеловкса - Фран успешно ги балансира сите: мајка, сопруга, дизајнерка, професионален шминкер... Со истата страст со која создава модни парчиња и беспрекорни шминки, таа го гради и своето секојдневие, останувајќи доследна на себе и на вредностите што ја водат. Посветеноста, дисциплината и љубовта кон креативноста се нејзин заштитен знак, а зад секој успех стои жена која знае што сака и храбро чекори по својот пат.

Во интервју за „Точка“ Фросина искрено говори за својот пат до успехот, предизвиците во секојдневниот живот, како и балансот помеѓу мајчинството, работата и слободното време. 

Раскажи ни го почетокот на љубовта кон модата, стилизирањето и шминката – дали отсекогаш знаеше дека тоа е твоја страст?

Со оглед на тоа што под учебниците по физика, хемија и слично секогаш си чував тефтерче за скицирање и во него имав креации: цртежи од ликови и девојки... Мислам дека било повеќе од јасно која е мојата наклонетост уште од мали нозе.


Кој момент или личност најмногу влијаеше да се охрабриш и професионално да зачекориш на ова поле?

✨ Не би издвоила конкретен момент туку би се повикала на претходниот одговор. Јас милувам да кажам: „не ја одбрав јас оваа професија, таа ме одбра мене“... Позитивното е тоа што некој го препознал талентот во мене и верувал дека за тоа сум родена, па го поддржал мојот сон.


Што те издвојува како модна дизајнерка и стилистка на македонската сцена?

✨ Фактот што сум крупна, а љубам да се дотерувам ме прави препознатлива посебно кај жените слични на мене, па природно се наметна да се издвојувам како дизајнер за плус сајз дами иако јас сум некој кој сака и знае да ги облече сите без разлика на големината.


❓ Кој проект или момент во кариерата ти е најдраг и зошто?

✨ Најдраг момент во кариерата ми е наградата „Најкомерцијална колекција“ за мојата дипломска колекција од факултетот. Полимода бидејќи беше вложен огромен труд во истата, а токму така и се дефинирам како дизајнер кој креира нешто што лесно би се продало .


❓ Како успеваш да ги усогласиш обврските како мајка и како успешна бизнис жена?

✨ Нема равенка или формула за таа задача. Едноставно ја решаваш како што знаеш и умееш и се даваш во целост. И како бизнис жена и како мајка не се штедам и мислам дека тоа е клучно за успех на секое поле.


❓ Што сакаш твоите деца да научат од тебе – и како личност и како мајка?

✨ Моите деца сакам да научат што е тоа љубов. Ако тоа го постигнам, сум успеала и како мајка и како човек.


❓ Кога сакаш да побегнеш од обврските, како најчесто го полниш своето срце и енергија?

✨ Љубител сум на убавото. Голем хедонист и уживател на храна, патувања, музика...


❓ Вљубеник си и во патувањата. Има ли некое место на кое секогаш со задоволство се враќаш?

✨ Јапонија е во моето срце бидејќи таму ги поминав најубавите 6 месеци од мојот живот и секогаш со задоволство ѝ се враќам. Иако моментално само во соништата, се надевам еден ден и вистински.


❓ Како изгледа еден совршен ден без обврски за Фросина?

✨ Обврските го прават мојот ден совршен. 🙂 Премногу си ја сакам работата и децата, па сѐ што е врзано за нив мене ме исполнува со среќа. Кога немам обврски не знам што со себе... Најчесто прередувам фиоки.. 


❓ Ако треба со една реченица да ја опишеш Фросина денес – која би била таа?

✨ Јас сум силна и самоуверена жена која со срце ја гради својата фамилија и со визија и љубов создава успешен бизнис.


❓ Каква порака би им испратила на младите жени кои сакаат да градат кариера, а истовремено и семејство?

✨ Никогаш немојте да го чекате „вистинското време“ за деца или за бизнис. Никогаш не е и секогаш е „вистинско време“. Само водете се од инстинктот и создавајте со љубов.