Младата Тина Русева испиша историски успех воодушевувајќи ја публиката на престижното музичко шоу „The Voice of Germany“. Родум од Струмица, Македонија, Тина живее и работи во Германија, каде со својот моќен вокал, емоција и автентичност ја освои публиката и жирито. Нејзиниот успех е уште еден доказ дека македонскиот талент блеска и надвор од границите, носејќи гордост за целата земја.
Во интервју за „Точка“ младата и талентирана Тина искрено говори за сонот којшто го сонувала од малечка, за упорноста, истрајноста и она што е цел на секој еден човек - успехот, како и исполнетоста и убавината на животот.
❓ Како изгледа едно твое обично секојдневие во Германија, далеку од сцената и рефлекторите?
✨ Далеку од сцената, животот ми е тивок и реален... Кафе, работа, прошетки, многу музика и време посветено на најблиските. Токму во таа едноставност ја наоѓам енергијата што подоцна ја носам со себе на сцена.

❓ Што понесе со себе од Македонија, а што научи во Германија?
✨ Македонија ми даде корен, срце што пее и емоции што не се учат. Германија ми даде насока, ме научи на дисциплина, трпение и доверба во процесот.

❓ Се сеќаваш ли на моментот кога си помисли: „Да, ова е тоа – јас сум за сцена“?
✨ На ова прашање колку и да размислувам нема да најдам соодветен одговор затоа што од кога знам за себе отсекогаш сум сонувала да бидам на сцена и да пеам.

❓ Што не видовме зад камерите на „The Voice of Germany“ – стравови, солзи, трема?
✨ Можеби не се виде нетрпението во третиот круг кога не знаевме во кој момент ќе бидеме повикани и против кој ќе пееме. Тоа беше нешто коешто никој не го знаеше и самото тоа ни создава огромен притисок.

❓ Кој беше првиот човек на кого му се јави по победата на „The Voice of Europe 2025“ – и што му кажа?
✨ После победата на онлајн натпреварот, првиот човек со којшто разговарав во тој момент беше брат ми. Тој тогаш не беше до мене, но и двајцата бевме пресреќни.

❓ Дали Германците знаат да „се заразат“ од балканска емоција?
✨ Било кој народ да е, кога е вистинска и чиста емоција во прашање, секој знае да ја препознае.

❓ Што значи музиката за тебе – бегство, терапија или животен повик?
✨ Музиката е мојот свет. Некогаш е бегство, некогаш терапија, а дефинитивно мој животен повик.

❓ Која песна најдобро те опишува како личност, не како пејачка и зошто?
✨ Која песна? Паа, ќе дознаете за многу брзо...

❓ Која е вистинската Тина кога нема публика – тивка, бунтовна или вечен оптимист?
✨ Тина е обична девојка којашто ужива во мали нешта и топлината на семејството. Но, ако треба да одберам од овие три - секако вечен оптимист.

❓ Што би ѝ кажала на онаа Тина од Струмица која само сонуваше да биде пејачка?
✨ Ќе ѝ кажев да не престанува да сонува, затоа што секој голем пејач некогаш бил само оној кој сонувал, но и да се подготвува за сите предизвици што доаѓаат со тоа.

❓ Која е пораката која сакаш да ја пренесеш на оние кои мислат дека успехот е недостижен?
✨ Успехот не е недостижен, тој е резултат на упорност, храброст и верба во Бога и во себе.










