Стандардите за убавина не се она што некогаш беа. Светски познатите супермодели како Кејт Мос и Наоми Кембел кои беа идеал за убавина во 90-те години, денес се сметаат за икони, но не се повеќе „стандард“ кој жените сакаат да го достигнат во 21-от век.
Светот на модата и убавината стана поприфатлив бидејќи луѓето го бараа тоа, а голема улога играат и социјалните мрежи преку кои се менуваат идеалите за убавина.
Модната индустрија секој ден станува се полиберално место кое започнува да ги отвора вратите за речиси секого. Инклузивноста во модата е нешто кон кое денес тежнеат бројни брендови, а можеме да кажеме дека целиот бран започна пред речиси 10 години кога на сцената се појави реалити ѕвездата Ким Кардашијан, која ги нормализираше облините.
Покрај неа, поборници за инклузивност се и плус сајз моделите како Ешли Греам, Искра Лоренс и Палома Елсесер.
Денес и самите можеме да видиме дека брендовите започнуваат да вклучуваат и плус сајз величини во своите колекции, а модниот свет започнува да наликува на луѓето кои секојдневно ги среќаваме на улица и престанува да биде идила која е невозможна да се достигне.
Инстаграм инфлуенсерките, а пред се и пријателки, @mariacastellanos_ri и @denisemmercedes покренаа движење преку хаштагот #stylenotsize кое има за цел да прикаже исти комбинации на различен тип на тело.
Марија и Дениз имаат различна физичка градба - едната носи конфекциски број 34, додека другата носи 44, а единственото нешто заедничко се нивните аутфити. Движењето го започнале во 2019 година за да покажат дека истата комбинација може одлично да изгледа без оглед на големината...