Лигата на шампиони се враќа, каква што не сме виделе досега

Макфакс

12/08/2020

12:52

1.413

Големина на фонт

а а а

Лигата на шампионите се враќа вечерва, но на начин каков што досега не сме виделе и во формат кој би можел да стане редовен.

Поради корона вирусот, УЕФА одлучи да го „реши“ прашањето на европскиот шампион со фајнал ејт турнир во Португалија и интересно, само две од осумте екипи ја имаат освоено елитната титула досега.

Пред шест години финалето се оддржа во Лисабон, кога навивачите на Атлетико и Реал Мадрид ја „преплавија“ португалската престолнина, но сега ситуацијата не може да биде поинаква – осумте клубови беа пречекани во тишина без своите верни навивачи.

Фудбалерите, со маски и ракавици, стигнуваа на аеродромите во групи, и ќе останат во мали групи, исклучени од надворешниот свет додека не дојдат нивните мечеви. Секој клуб има сопствен хотел (сите во 40 километри од центарот на градот) и сопствени тренинг-центри.

Четврт-финалињата, полуфиналињата и финалето ќе се играат на двата супер-стадиони во градот, „Естадио да Луж“ и „Естадио Жозе Алваладе“, секако без публика.

Програмата започнува вечерва со дуелот на Пари Сен-Жермен, клуб кој потроши огромни пари за да се оствари целта, трофеј од ЛШ и Аталанта, дебитант во натпреварувањето кој ги освои срцата на навивачите доаѓајќи од Бергамо, град кој беше меѓу најпогодените од корона вирусот во Италија. ПСЖ се несомнено големи фаворити, но во фудбалот парите не купуваат сè.

Во четврток, пак, ќе се судрат РБ Лајпциг, уште еден проект на милијардери, клуб кој во Германија е презиран поради тоа, и Атлетико Мадрид, кои сонуваат за трофејот додека беа исплашени од двата позитивни случаи на корона вирус пред патувањето во Португалија.

Во петок, без сомнеж, доаѓа најатрактивниот меч, дуелот на гигантите Барселона и Баерн Минхен, два клуба од друштвото кои веќе биле европски шампиони. Многумина сметаат дека кој ќе победи тука ќе биде фаворит за титулата.

Последното четврт-финале е помеѓу Манчестер сити, во нов обид на Пеп Гвардиола да го освои елитниот европски трофеј и Лион, кои успеаја да ги елиминираат Јувентус и да направат „потрес“ во Торино.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Аталанта – Пари Сен-Жермен, 12 август

РБ Лајпциг – Атлетико Мадрид, 13 август

Барселона – Баерн Минхен, 14 август

Манчестер сити – Лион, 15 август

ПОЛУФИНАЛЕ

18 и 19 август

ФИНАЛЕ

23 август



Спонзорирани линкови

Маркетинг