Позади најубавата насмевка се крие огромна тага: Во младоста го изгубила татко ѝ, а нејзината сестра извршила самоубиство

Точка

26/01/2018

16:34

7.933

Големина на фонт

а а а

Една од најхаризматичните актерки на денешницата претрпела огромна болка во детството и имала тежок пат до пронаоѓањето на сродната душа.

Американската актерка и поранешен модел Џулија Робертс моментално се наоѓа помеѓу најубавите и најплатените актерки во Холивуд. Светската слава ја стекнала, глумејќи рамо до рамо со Ричард Гир во филмот “Pretty Woman”, а добитничка е и на најпрестижната награда – Оскар. 

Таа е родена на 28-ми октомври 1967 година во Смирна, Џорџија. Нејзиното целосно име е Џулија Фиона Робертс. Кога Џулија имала само четири години, бракот на нејзините родители Волтер и Бети завршил, по што нејзината мајка се венчала со Мајкл Мотс.


Карактерот на Мајкл бил непредвидлив, а честопати бил бесен и ја навредувал Џулија, така што нејзиното детство покрај очувот не било воопшто лесно. Постојаните изливи на бес и агресивното однесување го загорчувале животот не само на Џулија, туку и на нејзините брат и сестра.

Во 1977 година, татко ѝ Волтер починал од рак, а актерката тешко ја поднела неговата смрт. Покрај братот Ерик и помладата сестра Лиза, Џулија имала и полусестра Ненси, која извршила самоубиство во 2014 година. Неколку месеци потоа, починала и нејзината мајка по големата и тешка борба со ракот.

Уште во средношколските денови, Робертс почнала да го засакува актерството, а нејзината љубов кон оваа професија ја натерала таа да го напушти колеџот и да замине за Њујорк, каде започнала да посетува часови по глума.


Во меѓувреме, со цел да заработи пари за живот, Џулија се занимавала со моделство кое одлично ѝ одело бидејќи ретко кој можел да одолее на атрактивниот изглед и симпатичната насмевка.

Агенцијата која ја застапувала Џулија почнала да ѝ пронаоѓа филмски улоги во нискобуџетни филмови, каде се појавувала на неколку минути и изговарала само по неколку реченици.

Светската слава пристигнала со појавувањето во филмот “Pretty Woman”, а улогата на проститутка ѝ го донел и првиот Златен глобус во категоријата за главна женска улога, како и номинација за Оскар. “Pretty Woman” со текот на времето стекнал култен статус, а заработката го става на четврто место на романтични комедии во светот.


Во текот на својата триесетгодишна кариера, оваа холивудска убавица добила преку стотина номинации во различни категории, а освоила 54 награди, од кое секако најголемо признание е Оскарот во категоријата за најдобра главна актерка, кој го добилa во 2000 година за улогата во филмот “Erin Brockovich”.


Семеен и љубовен живот

Со оглед на фактот што ја започнала својата кариера во младоста, таа будела постојан интерес кај медиумите за нејзиниот приватен живот. Иако пробувала да сокрие што повеќе детали, медиумите секогаш пронаоѓале начин да ги дознаат и најинтимните детали. Актерката била во врска со ирскиот актер Лиам Нисон, канадскиот актер Кифер Сатерленд, како и со Џејсон Патрик, Метју Пери и Бенџамин Брет.

Во 1991 година била верена за актерот Кифер Сатерленд со кој раскинала три дена пред венчавката.


Во 1993 година, Џулија го запознала пејачот Лајл Ловет во кој лудо се заљубила, а набрзо парот се венчал. По две години, нивниот брак завршил, а Џулија изјавила дека влегла во брак за која сè уште не била спремна. Различните погледи кон светот и животните патишта довеле до тоа парот да не може да пронајде начин за опстанок.


Во 2001 година, на снимањето на филмот “The Mexican” со партнерот и нејзин добар пријател Бред Пит, Џулија го запознала камерманот Даниел Модер кој го освоил нејзиното срце. Тие се венчале во Ново Мексико во 2002 година. Џулија изјавила дека со Даниел дознала што е тоа вистинска љубов и дека тој ѝ помогнал да созрее и да сфати во што е суштината на животот.


На 28 ноември 2004 година, благодарение на вонтелесно оплодување, Даниел и Џулија станаа родители на близнаците Хејзел Патриција и Финеус Волтер. Три години подоцна, парот доби уште еден син – Хенри.

Пет факти за Џулија Робертс

1. Џулија е заштитно лице на познатиот бренд “Givenchy”, а покрај тоа таа е членка на УНИЦЕФ и е позната по својата хуманитарна работа.

2. Шкорпија е во хороскоп, а висока е 175 центиметри.

3. Списанието “People” во 2000 година ја смести Џулија во 50-те најубави луѓе на светот, а во 2010 година, истото списание ѝ ја додели титулата на најубава жена на светот.

4. Џулија е голем обожавател на Кетрин Хепберн.

5. Нејзиното омилено хоби е плетењето.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk