Црвените чевлички на Дороти: Приказната за најпознатите чевли во историјата на филмот

Точка

12/06/2017

13:03

3.300

Големина на фонт

а а а

По повод изминатиот роденден на Џуди Гарланд, славната Дороти во “Волшебникот од Оз”, се потсетуваме на црвените чевлички кои во филмот ја вратија дома. Денес, тие се сметаат за едни од највредните сувенири во филмската историја, а можеле да бидат потполно заборавени.

Овие чевли ги носеше Џуди Гарланд во “Волшебникот од Оз” во 1939. година и за нејзината кариера, тие биле навистина магични. Во романот на Френк Баум според кој е снимен филмот, магичните чевли биле сребрени, но за холивудските хитови од тоа време се користела нова технологија за изработка на филмови во боја Technicolor, па затоа сребрената боја не била доволно ефектна. 

Дизајнирани се од страна на главниот костимограф на MGM, Гилберт Адриан. Оригинално, постоеле две различни верзии на овие чевли. Првите биле помалку ориентални и богато украсени, па затоа од истата причина и се отфрлени, со оглед на тоа што Дороти е сепак сиромашна девојка од село.


Поради тоа бил прифатен другиот пар чевли со мала модификација – бисерите на врвот од чевлите биле заменети со 2300 светкави детали, на секоја од нив. До ден-денес не се знае точната информација колку пара биле изработени, но бројката се проценува на пет до седум пара чевли.

Процес на изработка

Секој од парот црвени чевлички настанал на ист начин. Нивната основа биле бели свилени чевли, кои ги произведувала компанијата Innes Shoes Company од Лос Анџелес. Истите чевли, потоа биле боени во црвено, а горниот дел и потпетицата биле прекриени со црвени светкави монистри. Две недели пред почетокот на снимањето, самиот Гилберт Адриан рачно ја додавал црвената панделка.

До денес се останати три пара – едниот пар кој Џуди го носела на снимањето на филмот, денес се чува во Smithsonian Institution, потоа парот чевли кој во филмот се користел за снимање на големите кадри, а третите чевли наводно биле изработени за актерката Боби Кошеј, другата, евентуална Дороти.


Од подрум до музеј

Овие популарни црвени чевлички лежеле заборавени во подрумот на студиото MGM. Во 1970. година, тие биле пронајдени од страна на костимографот Кент Ворнер. Тој, најдобриот пар ги задржал за себеси, другиот пар бил продаден на аукцијата за костими и филмски реквизити на MGM за 15 илјади американски долари, а третиот, за помал износ во текот на истата година.

Парот црвени чевли кој бил продаден на аукцијата, денес е изложен во Националниот музеј на американската историја во Вашингтон.

Најдобро сочуваниот пар, Ворнер сепак го продал. Поминувајќи низ неколку аукции и со помош на популарниот актер Леонардо ди Каприо и познатиот режисер Стивен Спилберг, црвените чевлички стигнале до музејот на Академијата на филмската уметност и наука во фебруари 2012. година.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk