Венко Филипче ја повика Гордана Сиљановска-Давкова да одговори дали имала притисок при номинирањето на Трајко Славески за гувернер на Народната банка во контекст на скандалот со Алта банка и најави поднесување интерпелација за него.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес – конференција ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да одговори дали имала притисок за номинирањето на Трајко Славески за гувернер на Народната банка.
Филипче посочи дека Сиљановска-Давкова е поканета на продолжението на Надзорната расправа за случајот со Алта банка, каде што треба да објасни како го номинирала Славески.
„За утре е закажано продолжението на Надзорната расправа, но нема одговор од поканетите, односно претседателката Сиљановска-Давкова, која што ја поканивме за да каже како тоа го номинирала Трајко Славески, како таа сега гледа на овој проблем, на овој скандал, дали сега има можеби поинакво мислење за Трајко Славески, дали трпела притисок да го номинира, да го номинира на функцијата, но за жал нема да присуствува, отиде на патување“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека јавноста заслужува конкретни одговори за околностите во кои Славески бил номиниран за гувернер, особено сега кога, како што кажа, се отвораат сериозни прашања за неговото постапување во случајот со Алта банка.
Тој посочи дека продолжението на надзорната расправа е можност сите надлежни и повикани лица да одговорат на конкретните прашања за скандалот, наместо да го избегнуваат институционалниот и јавниот одговор.
„Нема одговор ниту од претставниците на Управниот и Надзорниот одбор на банката. И тоа е сериозен проблем, затоа што сите овие луѓе имаат обврска пред граѓаните да дадат одговори на многу специфични, конкретни прашања во овој огромен скандал“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ на денешната прес – конференција, соопшти дека СДСМ поднесе интерпелација до Собранието за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради, како што кажа, скандалот со Алта банка и сериозните сомнежи и отворени прашања за начинот на кој оваа банка влезе на македонскиот финансиски пазар.
„СДСМ поднесува интерпелација за гувернерот Трајко Славески во Собранието. После веќе поднесените кривични пријави, во контекст на што го повикувам обвинителството тоа сериозно да го разгледа, сметаме дека треба да има и политичка одговорност за работата на гувернерот Трајко Славески по повеќе основи. Немаше соодветни ниту логични одговори на Надзорната расправа, нема сè уште одговори од негова страна и на прашањата кои што на овој начин во јавност ги поставуваме“, рече Филипче.












