Приведено лицето кое упатуваше закани кон новинарот Кристијан Ландов

Макфакс

24/11/2026

15:10

154

Големина на фонт

а а а

Триесет и осумгодишен жител од Кичево е приведен поради упатување закани преку Фејсбук кон новинарот Кристијан Ландов. Министерството за внатрешни работи спроведе истрага и веќе ги обезбедува неопходните докази за понатамошна постапка.

Триесет и осумгодишен жител на Кичево е лицето кое упатило заканувачки пораки на „Фејсбук“ кон ковинарот Кристијан Ландов, соопшти МВР.

„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи постапи по пријава од новинарот и водител на подкастот ‘Претрес’, Кристијан Ландов, за упатени закани преку социјалната мрежа Фејсбук. Имено, на 19.11.2026 година, под објава на Фејсбук-страницата Pretres.mk, поврзана со емисијата ‘Претрес со Ландов’, бил објавен заканувачки коментар кој пријавителот го разбрал како закана по неговата физичка безбедност и обид за заплашување поради неговата професионална работа“, велат од МВР.

Постапувајќи по пријавата, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика утврди дека станува збор за И.М. (38) од Кичево.

„Во координација со СВР Охрид, преку Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево, лицето е повикано на информативен разговор, кој е спроведен на 23.11.2026 година. Во текот на разговорот, лицето потврдило дека е корисник на профилот од кој бил објавен заканувачкиот коментар“, велат од МВР.

За случајот е известено Основното јавно обвинителство Скопје, а во тек се активности за прибавување и обезбедување дополнителни електронски докази потребни за постапката, по што до надлежното обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок.