Една од најбогатите европски земји станува „рај“ за криминалците? Се споменуваат дури 300 милијарди евра

Точка

23/11/2026

22:37

896

Големина на фонт

а а а

Ирска, една од најбогатите земји во Европската унија соочува со сериозни предупредувања дека нејзиниот финансиски систем станал привлечна дестинација за меѓународните криминални организации, корумпирани функционери и поединци поврзани со непријателски настроени држави.

Според проценката на „Транспаренси Интернешнл“, преку ирскиот финансиски сектор потенцијално можеби поминуваат помеѓу 120 и 300 милијарди евра незаконски пари, пишува „Дејли мејл“.

Станува збор за навистина неверојатна бројка која заслужува посебно внимание. Но, треба да се истакне и дека станува збор за рамковна проценка добиена со примена на глобалните стапки за перење пари врз вредноста на ирската индустрија на инвестициски фондови, а не за износ што го докажале истражителите.


Ирска денес е третиот најголем светски центар за регистрација на инвестициски фондови, со приближно шест билиони евра имот под управување или администрација.

Десетици илјади пријави, само дваесетина истражители

Александер Чанс, раководител на истражувањата во „Транспаренси интернешнл“ во Ирска, предупредил дека брзиот раст на финансискиот сектор и долгогодишните недостатоци во надзорот создале поволни услови за прикривање на незаконит капитал.

Особено загрижуваат капацитетите на ирската финансиско-разузнавачка единица, која годишно добива приближно 60.000 пријави за сомнителни трансакции, а располага со само 21 до 22 вработени.


Уште понеобичен е податокот дека огромниот сектор на инвестициски фондови во текот на 2024 година пријавил само 187 сомнителни трансакции.

Меѓународниот монетарен фонд уште во 2022 година предупредил дека Ирска се соочува со сè поголема закана од перење пари што потекнуваат од криминални активности во странство.

Случај кој ги разоткрил слабостите на системот

Еден од највпечатливите примери е поврзан со Гулнара Каримова, ќерката на поранешниот узбекистански претседател Ислам Каримов.

Американските истражители во 2015 година откриле мрежа на коруптивни уплати во вредност меѓу 100 и 300 милиони долари, чиј дел бил прикриен преку ирски финансиски структури. Ниту една вклучена ирска банка ниту фонд не ги пријавиле сомнителните трансакции.

Ирската влада сега подготвува дополнителни мерки против финансискиот криминал, вклучувајќи построг надзор на криптовалутите и подобра размена на разузнавачки податоци.


Министерот за правда Џим О’Калахан би требало да предложи промени во безбедносниот систем, додека експертите предупредуваат дека проблемот го надминува организираниот криминал.

Незаконитите финансиски текови можат да служат и за финансирање на странско политичко влијание, поткопување на демократските институции, како и за хибридни операции против европските држави.