Со две претстави од меѓународната програма, вечерва, на 24 ноември, завршува 51. издание на Меѓународниот театарски фестивал МОТ, кој и оваа година го претвори Скопје во простор за средба на различни театарски јазици, естетики и сценски истражувања.
Ја носи претставата „Мојот маж“ во режија на Марија Манганари, во продукција на грчкиот театарски колектив Процес, која ќе се одигра во 20 часот во салата „Фросина“ при МКЦ.
Инспирирана од истоимената збирка раскази на Румена Бужаровска, претставата отвора остар, ироничен и бескомпромисно искрен поглед кон женските искуства, интимните односи и семејните динамики во современото патријархално општество. Преку приказните за сопруги, љубовници, мајки, ќерки и пријателки, на сцената се разобличуваат традиционалните родови улоги, илузиите за еманципацијата и противречностите на човечките односи.
Фестивалската програма ќе ја затвори „Ана – непоправливата“, во режија на Надја Панчева, продукција на Арт центар Оренда и Топлоцентрала од Бугарија, која ќе започне во 22 часот во салата „25 Мај“ при МКЦ.

Посветена на 18-годишнината од убиството на руската новинарка и активистка Ана Политковскаја, претставата на авторот Стефано Масини се занимава со слободата на говорот, политичката моќ, механизмите на репресија и судбината на оние кои одбиваат да замолчат пред неправдата. Преку сценскиот јазик, таа го поставува прашањето за границите на слободата и цената што ја плаќаат оние кои остануваат доследни на вистината.
Со претставите „Мојот маж“ и „Ана – непоправливата“ како и бројната, верна публика, 51. издание на МОТ го заокружува своето фестивалско патување, оставајќи простор за дијалог, критичко преиспитување и нови перспективи кон општеството во кое живееме.
И покрај бројните организациски, финансиски и продукциски предизвици со кои се соочи ова издание, МОТ и годинава успеа да ја реализира својата програма и да ја одржи континуираната линија на меѓународна театарска размена. Тоа е особено значајно ако се има предвид дека МОТ е единствениот театарски фестивал во државата со меѓународна програма кој повеќе од пет децении се одржува во континуитет, без прекин – опстојувајќи и низ различни политички и општествени премрежја, институционални предизвици, финансиски неизвесности, па дури и во услови на светска пандемија.

Повеќе од пет децении, МОТ не е само фестивалска платформа, туку важен дел од културниот идентитет на Скопје и домашната независна и институционална театарска сцена. Неговиот континуитет е резултат на посветеноста на генерации театарски работници, уметници, соработници и публика кои веруваат во потребата од отворен, критички и современ театарски простор.
Затоа, затворањето на ова издание не е само крај на уште еден фестивалски циклус, туку и потврда дека МОТ продолжува да опстојува, да создава и да ја брани потребата од современ, храбар и меѓународно поврзан театар.
















