Лажни СМС-пораки и обиди за измама, ПОЦ ги предупредува граѓаните

Макфакс

24/11/2026

10:30

90

Големина на фонт

а а а

Јавното претпријатие 'Паркинзи на Општина Центар' ги предупредува граѓаните за појава на лажни СМС-пораки кои злоупотребуваат нивното име, со цел измама преку фишинг. ПОЦ апелира за внимателност и употреба само на официјални канали за плаќање имајќи предвид можност за финансиски загуби и злоупотреба на лични податоци.

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ги предупредува граѓаните за појава на лажни СМС-пораки во кои непознати испраќачи го злоупотребуваат името на претпријатието, известувајќи за наводни неплатени обврски за паркирање и упатувајќи ги граѓаните на лажни интернет-страници за извршување уплата.

„Во пораките се наведуваат и закани за парични казни од најмалку 20.000 денари, како и за суспензија на регистрацијата на возилото доколку не се изврши плаќањето.

Ја информираме јавноста дека овие СМС-пораки не се испратени од ЈП ПОЦ и дека станува збор за обид за интернет-измама (фишинг), преку злоупотреба на името на претпријатието.

Апелираме до граѓаните да не одговараат на ваквите пораки, да не ги отвораат линковите содржани во нив, да не внесуваат лични податоци и податоци од платежни картички и да не вршат уплати преку овие линкови.

Доколку граѓаните веќе внесле податоци од платежна картичка или извршиле уплата, потребно е веднаш да ја контактираат својата банка и да го пријават случајот во Министерството за внатрешни работи.

За проверка на евентуални обврски за паркирање, ги повикуваме граѓаните да ги користат исклучиво официјалните канали на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – веб-страницата www.poc.mk, електронската адреса info@poc.mk или телефонските броеви 02/3212-488 и 02/3212-489.

Апелираме до граѓаните на зголемена внимателност со цел да се спречат евентуални финансиски штети и злоупотреби на нивните лични податоци“, соопшти ПОЦ.