Претседателот на САД, Доналд Трамп, преку телефон од претседателскиот авион „Ер форс 1“ (Air Force One) се вклучи на состанокот на европските лидери во Берлин посветен на Украина, а на кој учествуваше и македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, само неколку часа откако во Кина се сретна со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг.
Според „Политико“, кој се повикува на четворица европски функционери запознаени со дискусијата, Трамп за време на разговорот остро го довел во прашање продолжувањето на европската воена помош за Украина.
Трамп им рекол на европските лидери дека Путин е сериозен во врска со мировните преговори за Украина.
Според тројца функционери кои разговарале со „Политико“ под услов да останат анонимни, американскиот претседател изразил цврсто противење на натамошното издвојување милијарди евра воена помош за Киев.
Два извори неговите зборови ги опишаа како остра тирада против натамошното финансирање на Украина, додека трет извор понуди поблаг опис, наведувајќи дека Трамп зборувал за значителните заштеди што би можеле да се постигнат со завршување на војната.

Германската новинска агенција ДПА (dpa) објави дополнителни детали за необичното учество на Трамп на состанокот во Берлин. Според информации од присутните, Трамп од својот авион му се јавил на својот зет и специјален пратеник, Џаред Кушнер, кој присуствувал на состанокот. Кушнер го вклучил звучникот на својот мобилен телефон, а звукот дополнително бил засилен преку микрофон, така што и останатите учесници можеле да го слушнат американскиот претседател.
Белата куќа не одговори веднаш на барањето на „Политико“ за коментар во врска со содржината на разговорот.
Претставници од околу 40 земји денеска се собраа во Берлин на најголемиот состанок досега на таканаречената „Коалиција на подготвените“ (Coalition of the Willing) – група држави кои се залагаат за обезбедување долгорочна воена и безбедносна поддршка за Украина.
Состанокот беше организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц. Меѓу учесниците беа францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставници од други европски земји. САД ги претставуваа специјалните пратеници на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Европските сојузници сакаа да дознаат за што Трамп разговарал со Путин и Си во Шенџен, Кина, и дали Вашингтон би ги поддржал нивните планови за безбедносни гаранции за Украина во случај на прекин на огнот.
По средбата, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Европа нема да се согласи на каков било мировен договор за Украина што би бил договорен без учество на Киев и на европските земји.
„Преговорите можат да бидат успешни само ако Украина и Европа заедно учествуваат во процесот. Формат во стилот на Јалта нема да донесе мир“, рече Мерц, алудирајќи на конференцијата од 1945 година, на која САД, Советскиот Сојуз и Велика Британија го договараа повоеното уредување на Европа.
Мерц нагласи дека европските држави ќе продолжат да ѝ даваат поддршка на Украина онолку долго колку што е потребно. Тој средбата меѓу Трамп, Путин и Си во Кина ја опиша првенствено како можност за фотографирање – за разлика од средбата во Берлин, каде што, како што истакна тој, се разговарало за конкретни мерки за помош на Украина.
Учеството на Трамп на средбата во Берлин уследи по историскиот трилатерален самит во Шенџен, Кина. Таму, американскиот претседател го нарече Путин пријател, а тројцата лидери разговараа за војната во Украина, нуклеарното оружје и меѓународната безбедност.
И покрај големите очекувања, средбата не доведе до никаков конкретен напредок кон ставање крај на војната во Украина. Во заедничката декларација, трите земји најавија дека ќе продолжат со дијалогот за намалување на нуклеарните ризици, реформирање на Обединетите нации и зголемување на понудата на нафтени деривати.
Европските лидери се загрижени дека Трамп би можел да се обиде да постигне договор со Путин без нивно учество, особено во однос на иднината на Украина и безбедносниот поредок во Европа.
Токму затоа, денешните критики на Трамп, насочени кон континуираната европска воена помош за Киев, имаат толку голема тежина. Во последните месеци, европските нации го презедоа најголемиот дел од финансирањето на одбраната на Украина, по значителното намалување на директната помош од САД за време на администрацијата на Трамп.
Сè уште не е познато дали Трамп, за време на телефонскиот разговор, поставил конкретни барања пред своите европски сојузници, или пак навестил промена во политиката на САД кон Украина.
фото/ЕПА
















