Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма од новата амбасадорка на Естонија, Јана Ванамолдер

Макфакс

19/11/2026

19:20

458

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма од новоименуваната амбасадорка на Естонија, Јана Ванамолдер, при што истакнаа важноста на демократската транзиција и соработката во различни области, како и поддршката за евроинтегративниот процес и регионалното партнерство.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма од Јана Ванамолдер, новоименувана акредитирана амбасадорка на Република Естонија, со седиште во Будимпешта.

На свечената церемонија, таа го истакна примерот на Естонија во демократската транзиција, институционална модернизација и дигитална експанзија, како релевантен реформски модел.

За претседателката, политичката и безбедносната соработка треба да се дополнат со економска, образовна, научна, културна и туристичка. Обете ја потврдија важноста на сојузништвото во НАТО, во контекст на актуелните безбедносни состојби и закани.

Претседателката изрази благодарност за поддршката што Естонија ни ја дава на евроинтегративниот пат.

Сиљановска-Давкова се заложи за преговори ослободени од билатерални услови од идентитетска природа и за јасни, предвидливи и објективни критериуми, засновани врз темелните европски вредности и постигнатите реформски резултати.

Амбасадорката Ванамолдер укажа на неизвесноста на преговарачкиот процес врзан за билатералните прашања и изрази разбирање за регионалните заложби и нашите природни европски амбиции.

Таа потсети на важноста на меѓусебната регионална поддршка за побрзиот процес на преговори и стекнување членство во ЕУ.

За неа, европската иднина на регионот се гради преку партнерство, меѓусебно разбирање и проширување.

Претседателката Сиљановска-Давкова ѝ посака успешен мандат на амбасадорката Ванамолдер.