Додека многумина ја поврзуваат здравата исхрана со скапи намирници и часови поминати во кујната, еден од најпознатите светски експерти за исхрана со својот пример покажува дека таа може да биде едноставна и достапна.
Волтер Вилет, 81-годишен нутриционист и професор од Харвард, откри како изгледа неговото секојдневно мени. Особено внимание привлече неговиот ручек, кој го подготвува за помалку од три минути. Еден од најцитираните истражувачи во областа на исхраната, Вилет веќе повеќе од четири децении ја проучува поврзаноста меѓу храната и здравјето.
Денот најчесто го започнува со мала чаша сок од портокал, од кој не сака целосно да се откаже, иако е свесен колку шеќер содржи. За појадок обично избира овесни снегулки, грчки јогурт, јаткасти плодови и свежо овошје, меѓу кое боровинките му се особено омилени.

Сепак, најголемо изненадување предизвикал неговиот избор за ручек. Кога јаде дома, Вилет најчесто избира интегрален леб со путер од кикирики и малку џем или мед, а покрај тоа јаде и морков.
Овој оброк го подготвува за помалку од три минути, а според пресметката што ја направил во рамките на претходен истражувачки проект, за него издвојувал само околу 76 центи или приближно 43 денари.
Сепак, станува збор за тогашна процена, а не за сума за која истиот оброк може да се подготви денес во Македонија. Примерот на Вилет, сепак, покажува дека квалитетната исхрана не мора да бара сложени рецепти и многу време поминато во кујната.
Кога руча на универзитетот, Вилет најчесто избира салата од лиснат зеленчук, наут, јаткасти плодови, хумус и тофу.
За вечера со сопругата најчесто подготвува риба или пилешко месо со зеленчук. Повремено на нивната трпеза се наоѓа и персиско јадење од интегрален ориз, шафран, ореви, пилешко месо и калинка, кое првпат го пробал за време на престојот во Техеран.

Кога вечера сам, често подготвува салата со маслинки и зеленчук, на која додава конзервирани школки или остриги. Маслиновото масло, рибата и јаткастите плодови заземаат важно место во неговата исхрана, додека црвеното месо настојува да го јаде најмногу еднаш неделно.
Сепак, ниту овој познат нутриционист отсекогаш немал толку добри навики. Додека работел на еден учебник, често грицкал чипс и кекси, па се здебелил два до три килограми. Затоа пишувањето на следната книга го започнал со мала промена: грицките на работната маса ги заменил со јаболка и моркови.










