„Mercedes“ ги запира сите натамошни инвестиции во Германија

Точка

17/11/2026

18:10

1.729

Големина на фонт

а а а

Поради падот на продажбата и добивката, производителот ќе преиспита кои погони во Германија сè уште може да си дозволи да ги задржи.

„Mercedes-Benz“ ги запре сите натамошни инвестиции во Германија, предупредувајќи дека можеби ќе мора да затвори фабрики и да премести работни места.

Падот на продажбата и добивката во последните години го принуди производителот да воведе низа мерки за штедење, кои кулминираа со одлуката целосно да ги запре инвестициите во своите германски погони.

Директорот за производство Михаел Шибе им соопшти на вработените: „Извршниот одбор донесе заедничка одлука да ги запре сите натамошни инвестиции во погоните во Германија“.

Брита Зегер, директорката за човечки ресурси, рече дека раководството сега „конкретно и детално ќе разгледа кои локации во Германија сè уште можеме да си дозволиме да ги задржиме“.


Одлуката доаѓа во време на жесток спор меѓу раководството и синдикатите околу плановите за намалување на трошоците.

Автомобилскиот гигант со седиште во Штутгарт со месеци се залага за план според кој вработените би работеле повеќе часови за истата плата.

Синдикатот „IG Metall“ се спротивстави на предлогот, а Зегер рече дека „засега не се гледа решение“.

„Ако не постигнеме договор, ќе преземеме многу остри мерки“, рече таа.

Како и другите германски автомобилски гиганти „Volkswagen“ („VW“) и „BMW“, „Mercedes“ се соочува со пад на продажбата во Кина, која некогаш беше еден од главните извори на раст.


Продажбата на моделите на „Mercedes“ во Кина во третото тримесечје се намали за 8 отсто во однос на истиот период лани. Кинеските купувачи или се воздржуваат од купување или се одлучуваат за поевтини автомобили од домашно производство.

Во меѓувреме, германските производители тешко се справуваат со напливот на поевтини кинески автомобили на домашниот европски пазар, а во САД се соочуваат и со царини.

Минатиот месец „Mercedes“ ја намали прогнозата за профитната маржа во 2026 година за два процентни поена, на 2 до 3 отсто. Компанијата соопшти дека очекува добивката да остане на исто ниво.

Според германските медиуми, компанијата се обидува да заштеди 800 милиони евра (668 милиони фунти), меѓу другото со продолжување на работната недела од 35 на најмалку 38 часа и со можно намалување на регресот за годишен одмор.


„Ако не ја зголемиме продуктивноста во Германија и не ги намалиме трошоците, тешко дека ќе можеме да продолжиме да инвестираме тука“, рече Зегер.

Компанијата има околу 108.000 вработени во Германија, што е две третини од вкупниот број вработени во светот.

Во Германија има 11 фабрики, а работи и во Кина, САД, Полска, Романија, Унгарија, Шпанија и Јужноафриканската Република.

Некои од германските фабрики се стари повеќе од 100 години, но работниците стравуваат дека тие би можеле да бидат затворени, а производството да се пресели во Источна Европа. Погонот на „Mercedes“ во унгарскиот град Кечкемет годинава стана најголемата фабрика на компанијата.