[ВИДЕО/ФОТО] Руски дронови и ракети нападнаа повеќе украински региони, има загинати и повредени

Макфакс

15/11/2026

14:00

255

Големина на фонт

а а а

Во изминатите 24 часа Русија изведе серија напади со дронови и ракети на повеќе украински региони, при што има загинати и десетици повредени. Најпогодени се Одеска, Запорошка, Харковска, Дњепропетровска и други области, а нападите целат клучна инфраструктура и населени места.

Четири лица загинаа, а 69 се повредени во руските напади низ Украина во изминатите 24 часа. Украинските власти на 15 ноември соопштија дека Одеската област била цел на масовен напад, при што биле погодени енергетски објекти, станбени згради, училиште и друга инфраструктура.

Во нападите врз Одеската област биле повредени шест лица. Еден од ударите погодил енергетски објект на компанијата ДТЕК, поради што околу 41.000 домаќинства привремено останале без електрична енергија. Гувернерот Олег Кипер соопшти дека екипите работат на обновување на снабдувањето.

Значително е оштетена и административна зграда, а погодени биле автомобили, гасовод, станбени објекти и едно училиште. Русија продолжува да ја напаѓа украинската енергетска мрежа во пресрет на зимата, во рамки на пошироката кампања против клучната инфраструктура.

Русија во текот на ноќта лансирала 132 дрона

Украинските воздухопловни сили соопштија дека руските сили во ноќта кон 15 ноември лансирале 132 нападни беспилотни летала, од кои 78 биле на млазен погон. Украинската противвоздушна одбрана соборила 106 дрона, меѓу кои 61 млазен. Удари со беспилотни летала биле регистрирани на вкупно 20 локации.

Во Черниговската област загинале двајца мажи на возраст од 42 и 45 години, при руски напад врз критична инфраструктура во градот Мена. Гувернерот Вјачеслав Чаус потврдил дека во истиот напад бил повреден и 33-годишен маж.

Во Дњепропетровската област руските сили напаѓале со дронови, ракети и артилерија во четири окрузи. Според гувернерот Олександр Ханжа, во нападите на 14 ноември загинало едно лице, а 13 биле повредени, меѓу кои и седумгодишно момче.

Напади и во повеќе други украински области

Во Харковската област руските сили го нападнале градот Харков и уште 13 населени места. Повредени биле пет лица, а во селото Борова загинал 67-годишен маж, соопшти националната полиција.

Во Запорошката област во текот на изминатиот ден биле повредени 32 лица, меѓу кои четири деца. Руската војска извршила вкупно 877 напади врз 48 населени места во регионот.

Во Сумската област биле регистрирани речиси 60 напади врз 28 населени места, при што пет лица биле повредени. Во Доњецката област биле повредени уште четири лица.

Руски дрон погодил куќа во Кировоградската област, при што биле повредени три лица, а нападнат бил и индустриски објект.

Во Житомирската област била погодена енергетската инфраструктура, но според гувернерот Виталиј Бунечко, нема повредени цивили.

Во меѓувреме, во Запорожје бројот на повредени во рускиот напад се зголемил на 30 лица, меѓу кои шест деца. Спасувачите извлекле 17 лица кои биле заробени во своите станови, а психолошка помош им била пружена на 31 лице.